Околу 50 отсто од македонскиот извоз е поврзан со европската автомобилска индустрија, поради што падот кај европската автомобилска индустрија веќе се чувствува и кај домашните компании. Во април имавме намалување на извозот за 60 проценти, додека во периодот од јануари до јуни извозот беше намален за 24 проценти во споредба со истиот период минатата година

Пандемијата значително ги влоши економските перформанси на автомобилската индустрија, која сѐ уште не успева да се врати на старите параметри. Иако упатените укажуваат дека има подобрување на состојбите во Европа, автомобилскиот сектор и понатаму работи со намалени капацитети и со намален обем на нарачки. Најголем дел од компаниите во Македонија што се од областа на автомобилската индустрија соработуваат со европските земји, поточно со компании што произведуваат и продаваат на европска почва. Инволвираните во оваа гранка истакнуваат дека за нејзино заздравување најбитно е тоа што ќе се случува следните месеци со пандемијата и дали очекуваниот нов бран на ширење на вирусот ќе предизвика нови рестриктивни мерки и потреба од нови прекини со работа.
– Забележуваме дека во одредени европски земји каде што државите дадоа големи стимуланси имаше позитивни резултати во месеците јуни и јули, кои беа подобри и од минатата година истиот период. Но одредени земји како Германија, Шпанија и Англија, сѐ уште не се приближија на нивото од минатата година. За август сѐ уште нема официјални податоци, но досегашните податоци укажуваат на постепено заздравување. Сега клучно прашање е до каде ќе стигне тоа заздравување и што ќе се случи есенва, бидејќи како што гледаме во одредени земји како Франција, Шпанија, па дури и Германија повторно имаме раст на лицата заболени со коронавирусот.

Затоа многу е значајно што ќе се случува есенва во поглед на ширењето на вирусот и дали тоа ќе наметне потреба од нови рестриктивни мерки – посочува Виктор Мизо, претседател на Асоцијацијата на странски компании со технолошки напредно производство при Стопанската комора на Македонија.
Мизо дополнува оти очекувањата се дека производството и продажбата на автомобили оваа година ќе се намали за 20 проценти. Во согласност со ваквите прогнози, тој смета дека и во Македонија компаниите што се дел од автомобилската индустрија ќе имаат намалување на нарачките во сличен обем.
– Колкави ќе бидат намалувањата сѐ уште сигурно не се знае, можеби нема да бидат околу 20 проценти, сѐ зависи од компанијата и од производството. Последните бројки за август покажуваат дека генерално сега сите компании отстапуваат 10-20 отсто помалку од планот што сме го имале за оваа година. Не се споредуваме со ланската година, бидејќи за нас релевантни се плановите за оваа година.

Сметаме дека отстапката од планот ќе се намали уште повеќе во септември и полека ќе се приближиме до планираното. Но за последниот квартал од годината, треба допрва да се види движењето, сѐ зависи од нарачките, бидејќи ова што сега го произведуваме веќе е нарачано некаде, потврдено е купувањето, тоа е возило што ќе биде продадено есенва. Она што ќе го произведуваме следните месеци, би требало да се продаде на почетокот на следната година, поради што не може никој со сигурност да гарантира како ќе се одвиваат состојбите и како ќе се реализираат плановите – истакнува Мизо и додава дека во компанијата „Костал“ каде што и самиот работи, во овие месеци бележат раст на вработувањата во насока на остварување на плановите и реализација на новите проекти што биле предвидени во плановите.
Тој додава дека за новите проекти, кои ги реализираат, им се потребни нови вработувања и дека само во текот на август биле примени околу 70 нови лица.
Европската автомобилска индустрија се најде во тешка состојба поради ширењето на вирусот кога голем број производители ги затворија своите центри за развој и производствените фабрики низ ЕУ поради карантинските мерки.

Очекувањата се продажбата на автомобили да се намали во 2020 година, а според процените на Европското здружение на производители на автомобили, тоа ќе достигне дури 25 отсто. Сепак, од здружението посочуваат дека прават напори секторот да преживее и да закрепне, но и да ги заштитат работните места. Во овој сектор во ЕУ се вработени 2,7 милиони луѓе што работат на производство на возила, а автомобилската индустрија во истражување и развој во ЕУ инвестира 60,9 милијарди евра годишно.
Околу 50 отсто од македонскиот извоз е поврзан со европската автомобилска индустрија, поради што падот кај европската автомобилска индустрија веќе се чувствува и кај домашните компании. Во април имавме намалување на извозот за 60 проценти, додека во периодот од јануари до јуни извозот беше намален за 24 проценти во споредба со истиот период минатата година.

Упатените посочуваат дека веќе се бележи и пад на бројот на вработени во оваа дејност во Македонија. Во одредени фирми бројките се навистина поразителни, а просечното намалување на бројот на вработени во автомобилската индустрија во земјава изнесува околу 10 отсто. Иако има одредени позитивни придвижувања во овој сектор, сепак, не се знае дали бројот на вработени ќе се врати на нивото од пред почетокот на кризата, ниту какви ќе бидат движењата во гранката во иднина.