Ќе се одржува ценовната стабилност и ќе се зајакнува стабилноста на финансискиот систем

86

Најдобриот придонес што Народната банка може да го даде за зголемување на нивото на странски директни инвестиции во земјава е остварувањето на клучните цели, одржување на ценовната стабилност и одржување и зајакнување на стабилноста на финансискиот систем. Ова го истакна гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, на тематската дискусија посветена на структурните реформи и странските директни инвестиции, во рамките на економскиот и финансиски дијалог меѓу Европската Унија (ЕУ) и Западен Балкан и Турција, а кој се одржа вчера во седиштето на Советот на ЕУ во Брисел.

Осврнувајќи се на мерките за поголема стабилност и отпорност на банкарскиот систем на земјава, кои Народната банка ги презеде во изминатиот период, таа посочи на воведувањето на капиталните барања во согласност со Директивата на ЕУ. Ангеловска-Бежоска се осврна и на промените во регулативата спроведени од Народната банка, за јакнење на корпоративното управување на деловните банки, како и на многубројните мерки за подобрување на квалитетот на средствата на банкарскиот систем и за намалување на евроизацијата.

– Продолжуваме интензивно да работиме на зголемување на стабилноста на банкарскиот систем, како клучен столб на финансискиот систем. На тој начин ќе придонесеме за посилна, но одржлива финансиска поддршка на реалниот сектор. Ќе продолжиме со зајакнување на надзорот на систематски значајните банки, со зајакнување на макропрудентниот капацитет и ќе придонесеме за натамошен развој на алтернативните финансиски инструменти, иновативното финансирање, продлабочување на финансиските пазари и поттикнување на финтек-услугите кај нас – порача Ангеловска-Бежоска во Брисел.

Тематската дискусија во рамките на годинашниот економски и финансиски дијалог помеѓу ЕУ и Западен Балкан и Турција беше посветена на структурните реформи што ќе ги спроведуваат земјите-кандидатки за членство во ЕУ, за привлекување повеќе странски директни инвестиции и зацврстување на своите економии. На неа учествуваа голем број гувернери на централни банки и министри за финансии.

– Намалување на невработеноста кај младите, интегрирање на домашните компании на меѓународните пазари и борбата против сивата економија се трите клучни предизвици, кои ќе се опфатат во Програмата за економски реформи 2020-2022 – истакна министерот за финансии, Драган Тевдовски на дијалогот.
Тевдовски рече дека ќе се поддржи вмрежувањето на домашните компании на меѓународните пазари, ќе се обезбеди поддршка за привлекување странски директни инвестиции од високопродуктивни и извозно ориентирани сектори и ќе се инвестира во проекти за технолошка модернизација.

Министерот за финансии истакна дека еден од приоритетите на Владата е намалување на невработеноста кај младите и ја посочи младинската гаранција како еден од проектите насочени кон тоа.
– Ќе продолжи имплементацијата на Акцискиот план за намалување на сивата економија. Целта е да се поттикне креирање на формални работни места, како и да се поттикне поголемо учество на жените на пазарот на трудот – истакна Тевдовски.
Инаку, оцените на Европската комисија за реализацијата на проектите и мерките од Програмата за економски развој од минатата година покажуваат дека Албанија и Македонија во регионот имаат највисока реализација.

Претходно на настанот, претставниците на земјите од ЕУ и земјите од Западен Балкан и Турција ги усвоија заедничките заклучоци од годишниот економски и финансиски дијалог. Заклучоците содржат исклучиво позитивни оцени за поставеноста на монетарната политика кај нас, и воопшто, за заложбите на Народната банка за исполнување на насоките на ЕУ дадени минатата година во однос на Програмата за економски реформи. Европската комисија (ЕК) нагласува дека минатата година Народната банка во целост ја исполни препораката за монетарната поставеност и водеше приспособлива монетарна политика, одржувајќи ниска инфлација.

Во своите оцени, ЕК ги истакнува и заложбите на Народната банка за подготовка и развивање на сеопфатната Стратегија за поттикнување на справувањето и подобрување на управувањето со нефункционалните кредити и на Стратегијата за денаризација, изработени во соработка со Министерството за финансии. Е.Р.