Ќе се комплетира електроенергетскиот Коридор 8

599
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) работи на одобрување на Планот за развој на МЕПСО што се однесува за периодот од 2019 до 2029 година, со кој се предвидуваат инвестиции во висина од 150 милиони евра.

– Најголем дел од инвестициите ќе се реализира од 2019 до 2022 година, а ќе изнесува околу 100 милиони евра. Тоа, пред сѐ, се однесува на изградба на новата интерконективна врска со Албанија, со што првпат директно ќе се поврземе електроенергетски. Тоа е од особено значење, бидејќи ќе се формира коридор исток – запад, преку Бугарија, Македонија, Косово, Албанија и Италија, а токму Италија е еден од најголемите увозници на електрична енергија во Европа – изјави претседателот на РКЕ, Марко Бислимовски, пред почетокот на вчерашната подготвителна седница.

Со тоа, како што истакна Бислимовски, МЕПСО ќе остварува поголеми приходи од транзити на енергија што би поминувале низ новата интерконективна врска и ќе се создаде добар предуслов за нови инвестиции во производствени капацитети во нашата земја.

– На тој начин произведената енергија во Македонија ќе може да се извезува во Италија по драстично скратени преносни патишта и по помали трошоци отколку што се прави сега – посочи Бислимовски.

Со планот за развој, додаде, се предвидува и изградба на нова 400-киловолтна трафостаница кај Охрид.

– Со оваа инвестиција ќе се решат проблемите во однос на снабдувањето и квалитетот на снабдување со електрична енергија во овој дел од земјава, каде што во изминатите десетина години често се случуваше да има поголеми испади, особено во Охрид, Ресен и во Струга – објасни Бислимовски.

Тој потсети дека МЕПСО, до РКЕ, има доставено правилата за балансирање со електрична енергија на кои регулаторот имаше забелешки и повторно ги врати на доуредување и допрецизирање на текстот.

– Во МЕПСО се работи на нашите забелешки и верувам дека до крајот на месецов ќе ги одобриме правилата за балансирање и тие ќе стапат во сила. Сега имаме правила за балансирање, но новите правила ќе бидат повеќе пазарно ориентирани и веруваме дека ќе доведат до намалување на трошоците за набавка на системски услуги кај МЕПСО и на трошоците за дебаланси што ги предизвикуваат учесниците на пазарот – истакна Бислимовски. Е.Р.