Ќе се доплатува за ненавремено осигурени возила?

174
Фото: Дарко Андоновски

Воведување доплата за ненавремено осигурени возила предлага Националното биро за осигурување на РМ, за да се реши проблемот со големиот број неосигурени, односно нерегистрирани возила.
– Проблемот со неосигурени возила е присутен над 20 години. Иако во 2011 година со учество на повеќе субјекти е донесена Оперативна програма за намалување на бројот на неосигурени возила за пет проценти секоја година сѐ уште ова прашање не губи од својата актуелност и има потреба од негово решавање со преземање голем број системски мерки – наведуваат од Националното биро за осигурување.
Податоците со кои располага Националното биро за осигурување покажуваат дека во 2017 година во однос на 2016 година не се обновени 13,8 проценти од полисите или вкупно 81.176 возила се нерегистрирани.

– На овој број неосигурени возила секако треба да се додаде и бројот на возила што не се наоѓаат во евиденцијата на осигурени возила во централниот систем, а не се осигурени повеќе години – посочуваат од бирото и додаваат дека целокупната состојба со неосигурени возила има високи негативни ефекти.
Статистичките анализи на националното биро покажуваат дека во просек годишно од страна на Гарантниот фонд се исплаќаат над 2.000.000 евра за штети предизвикани од неосигурени и непознати возила и се резервираат штети над 3.500.000 евра. За изминатите 10 години од страна на Гарантниот фонд се исплатени над 25.000.000 евра.
– Осигурителната индустрија повеќе години ги опсервира овие проблеми и констатира дека со укинување на законската одредба секој сопственик на моторно возило, кој до истекот на важноста на регистрацијата не го регистрира и осигури возилото, не ги враќа регистарските таблички не е обврзан да извади нови регистарски таблички при повторна регистрација на возилата. На овој начин драстично се зголеми бројот на неосигурени возила со одложување на времето на осигурување и регистрација – оценуваат од Националното биро.

Според нив, проблемот се очекува да се надмине со системски мерки, а како аргумент дека не е во прашање немањето финансиски средства за регистрирање на возилата ги посочуваат и податоците од анализата што покажуваат дека возила со поголема вредност се нерегистрирани. Нерегистрирани се и земјоделски возила за кои осигурување на годишно ниво е околу 700 денари.
Бирото информира дека иницијативата за измени и дополнување на тарифата на премии за осигурување сопственици на моторните возила од одговорност за штети предизвикани на трети лица од 2006 година, ја има доставено до Министерството за финанси и Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност на Владата на РМ во декември 2017 година.