Ќе се гради социјална зграда во Виница

285

До крајот на годината 39 социјално загрозени семејства од Виница ќе добијат сопствен дом. Државата започна постапка за изградба на социјална зграда во општината, наменета за најранливите семејства.

-Постапката е во тек, очекуваме да биде распишан тендер за изградба на тие станови и на тој начин да обезбедиме помош на ранливите категории граѓани, истакна Горан Сугарески, министер за транспорт и врски.

Во меѓувреме, општина Виница ги обезбеди сите услови за постапката за изградба да започне час поскоро.

-Таа ќе се гради веднаш до просториите на јавното претпријатие „Солидарност“, имаме маркица, имаме обезбедено парцела, деталниот план е донесен така да постапката е во тек, изјави Ивица Димитров, градоначалник на Виница.

Ова беше најавено при посетата на министерот Сугарески на Виница. Оттаму, тој најави дека работа и пари за оваа општина од Министерството има уште и истите ќе се користат за капитални проекти.

-Останати се 230.000 евра за Виница со кои ќе се преадаптира филтер станицата во општината, додаде Сугарески.

Во моментов пак, привршува реконструкцијата на водоводната линија во Виница, во должина од 3,8 километри.

-Првата фаза е завршена, главните цевководи ии поврзување со шахти е завршено. Сега работиме на втората фаза, а тоа е поврзување до секој дом, кажа Димитров.

Од Виница, Сугарески ги повика сите градоначалници да подготват квалитетни проекти и да аплицираат за средства, кои Министерството дополнително ќе ги обезбеди преку кредитна линија на банките.

Д.Ф.