Ќе се воведат државна гарантна шема, даночен календар и е-фактура

86

Фатмир Бесими на средба со СКМ

Воведување на државна гарантна шема, даночен календар, електронска фактура, се некои од барањата кои министерот за финансии Фатмир Бесими за време на средбата во Стопанската комора на Македонија, им вети на стопанствениците дека ќе ги реализира во наредниот период.

Стопанствениците побараа полесен пристап до капитал, особено сега во услови на светска економска криза, кога тој е лимитиран. Министерот за финансии Бесими посочи дека преку државната гарантна шема значително ќе се подобри пристапот до капитал, така што државата со 10 милиони евра гаранција на фирмите ќе им го олесни подигнувањето кредити од комерцијалните банки. Како што најави министерот, овој проект треба да се реализира до крајот на годината.

Во поглед на даночната регулатива, бизнис-заедницата побара поголема предвидливост преку воведување на даночен календар, со што подолг период однапред ќе се знаат измените кои би ги правела државата во даночната регулатива. Министерот за финансии посочи дека ова е прифатливо барање и дека една од заложбите во четиригодишниот мандат ќе биде поголема даночна предвидливост. Но исто така рече, дека во услови на криза понекогаш се потребни брзи акции кои се разбира би биле во интерес на стопанствениците.

Тој најави во поглед на парафискалните давачки дека следните четири години истите ќе се скратат за 75%. За барањето за електронска фактура беше посочено дека во рамки на Министерство за финансии, се веќе одржани работни состаноци во однос на можноста за практична имплементација. Понатаму ќе се направи скрининг на релевантните закони и ќе се изготви предлог правилник кој ќе се однесува на електронската комуникација, доставување, пренос и прием на е-фактура.

Министерот за финансии истакна дека овие средби со коморите се неопходни. На тој начин се слушаат реалните потреби и проблеми на стопанството. Посочи дека континуираната соработка со бизнис секторот е неопходна и во време кога економијата е во добра кондиција, а особено сега во време на најголемата глобална економска криза во последните децении, е од суштинско значење за димензионирање на вистински политики и мерки кои ќе бидат скроени согласно реалните потреби на стопанството. Тој најави дека дијалогот министер за финансии – комори ќе продолжи и со другите стопански комори кои ги преставуваат компаниите во земјава.