Ќе добиеме или ќе изгубиме од даночните реформи?

612
Фото: Дарко Андоновски

Најавените измени во даночната и во пензиската регулатива ја разбрануваа јавноста, а реакциите од стопанските комори и од универзитетските професори се на моменти дури и спротивставени.

Од Стопанската комора на Македонија апелираат да не се избрзува со усвојување на најавената даночна и пензиско-социјална реформа и посочуваат дека остануваат помалку од 60 дена до новата фискална година, во која ќе почне примената, а повеќето од деловните субјекти веќе ги имаат усвоено и утврдено финансиските планови за 2019-та.

– За најновите владини мерки потребни се длабински анализи и широка консултација со сите засегнати страни. Освен даночната стапка, која веќе беше презентирана, за целосно согледување на ефектите од овие нови решенија ќе треба детално да се анализираат и прашањата за даночната основа, субјектите, даночните повластувања, но и како ќе се спроведува контролата врз овој предложен даночен режим, имајќи предвид дека станува збор за целосно нов систем на даночно уредување на личните доходи поради што сметаме дека е потребно подолго време – истакна Татјана Штерјова од Стопанската комора.

Таа посочи дека во случајот не е важно само прашањето какви ефекти ќе имаат предложените мерки врз приходната страна на буџетот, туку и какви ќе бидат ефектите врз работењето на деловните субјекти и нивната продуктивност и конкурентност, но и недостигот од висококвалификувана работна сила.

– Прописите за процена на влијанието на регулативата предвидуваат точни рокови и дејства, кои треба да бидат преземени во консултации со сите засегнати страни. Во конкретниот случај, известувањето за почеток на подготовка на посочените законски прописи и нацрт-текстот на новиот закон за личен доход беа објавени истиот ден како веќе готово законско решение – истакна Штерјова.

Универзитетскиот професор Борче Треновски вели дека ваков данок ќе го насочи товарот врз оние што можат најмногу да платат. Тој додава дека постојат анализи, кои укажуваат на заклучок дека со ваков тип данок се превенираат политичка и социјална нестабилност преку ограничување на јазот помеѓу класите.

– Ова може да влијае на одлив на индивидуите со повисок потенцијал за заработка. Иако со скромната прогресија што се воведува кај нас ова би била пресилна констатација. Определени студии укажуваат на намалување на инвестициите, приватната иницијатива и отстапување на економската експанзија на среден рок. Најмногубројни се доказите дека овој даночен модел ги охрабрува побогатите да бидат помалку транспарентни или даночна евазија и зголемување на сивата економија – појаснува Треновски.

Викендов Министерството за финансии го објави предлог-законот за данок на личен доход со кој се воведува прогресивен наместо рамен данок. Тој предвидува поделба на доходот на две групи – доход од труд и доход од капитал. За доходот од труд како плати, пензии, договори за дело, доход од авторски права, доход од самостојна дејност се воведува прогресивност, односно дополнителна стапка од 18 отсто за даночната основа, која надминува 90.000 денари месечно.

Со законот се предвидува и оданочување на доходот од капитал (закуп и подзакуп, дивиденди, капитални добивки, добивки од игри на среќа) и другиот доход со единствена стапка од 15 отсто.

Со новата регулатива се воведува и оданочување на капиталните добивки од хартии од вредност и на каматите од орочени депозити со стапка од 15 отсто, со одложена примена од почетокот на 2020 година. На доход од камати до 250 евра годишно, нема да се плаќа данок. Воведувањето ваков данок може да го дестимулира штедењето во банките, што е удар за банкарскиот сектор, чиј главен извор на финансии се штедните влогови.

Со новиот закон се предвидува и оданочување на доход од осигурување.

– Најдоходовните 1 отсто од луѓето во Македонија во 2017 година заработувале во просек 4.486 евра месечно, што е 14,4 пати повеќе од просечниот доход на граѓаните во државава. Ова ја става Македонија на прво место во Европа по социјалната нееднаквост – изјави министерот Драган Тевдовски.

Но професорот Живко Атанасовски посочува дека не може Владата да диктира каде ќе инвестираат даночните обврзници, дали во капитал дали во имот и од каде ќе вадат приходи.

– Тоа е неприфатливо, кај нас даночниот систем е одличен и е поставен на неутрална основа да не влијае на одлуките. Со ова решение исти приходи по висина ќе се оданочуваат со различни стапки само затоа што се од различни извори. Едни со 10 отсто, а другите само затоа што се од капитал или имот ќе се оданочуваат со 15 отсто. Ова ќе предизвика досторзии и нарушувања во однесувањето на даночните обврзници. Дали ќе се зголеми евазијата или друго тоа ќе зависи од мерките што ќе ги преземат даночните обврзници – вели Атанасовски.