Јануарските сметки за струја ги испржија граѓаните

Маја Јаневска-Илиева

Ако броилото не е отчитано и корисникот добие сметка со претпоставени вредности во кои има повеќе или помалку киловат-часови, тие во следната сметка ќе бидат впишани или одземeни, објаснуваат од ЕВН

ЕВН никогаш нема да наплати повеќе од она што корисникот го има потрошено, се вели, меѓу другото, во образложението на ЕВН, откако граѓаните веќе некое време негодуваат за високите цени на јануарските сметки за струја.
Износите на сметките за струја за јануари за многу домаќинства се превисоки и не можат да ги платат. Граѓаните велат дека ако досега, во зимскиот период им пристигнувале сметки со износ од околу шест илјади денари, овој пат тие се зголемени за три-четири илјади денари.

– Начинот на греење го немам сменето. Се топлам на клима-уред, исто како и минатата зима. Минатата година ниту еднаш не ми дојде сметка повисока од околу шест илјади денари, но годинава, да бидам искрен, се изненадив кога ја видов јануарската сметка за струја, особено затоа што со сопругата од јануари почнавме и да внимаваме на трошењето, па почесто апаратите за домаќинство ги вклучуваме во периодите кога е евтина струја. Од некогашните шест илјади денари, овој пат добив сметка од девет илјади и петстотини денари, што, морам да признаам, навистина беше шок за мене. Како може и покрај тоа што штедам и внимавам како трошам, плус и не сум трошел повеќе од вообичаеното, сепак сметката да дојде покачена за речиси 50 проценти – вели скопјанецот Стефан.

Тој објаснува дека кога ја споредил состојбата на броилото со онаа на сметката, се покажало дека на сметката состојбата била многу повисока од онаа на броилото.
– Состојбата на броилото ниту на крајот на февруари не беше иста со наведената на јануарската сметка. Среќа што се јавив и побарав корекција на сметката. Да не знаев дека може да се коригира, од каде ќе најдев речиси десет илјади денари за да ја платам, особено затоа што работам само јас и немам некоја плата со која би можел да си дозволам да платам толку висока сметка – додава тој.
Од „ЕВН Македонија“ се повикуваат на механизмите што овозможуваат највисока точност на фактурите.

– И покрај тоа што во Законот за енергетика, во мрежните правила и во правилата за снабдување со електрична енергија е пропишано отчитувањето на броилата да се извршува еднаш годишно, екипите на „Електродистрибуција“ тоа го прават секој месец. Со тоа корисниците имаат можност да добијат точни податоци за потрошувачката. Врз основа на податоците за потрошувачка што се добиваат при отчитувањето на броилата, секој месец се подготвува фактура за секој корисник поединечно – информираат оттаму.
Од ЕВН нагласуваат дека отстапка од овој работен процес се прави во одредени случаи.

– Тоа се случува кога броилото не може да се отчитува поради тоа што корисникот е отсутен (не е дома или во објектот), кога екипите за отчитување се спречени од страна на корисникот, кога мерното место е непристапно поради тешките временски услови, поради годишните одмори… – објасни Атанас Ковачевски од ЕВН.
Но тој истакна дека на корисниците никогаш нема да им се наплати повеќе од она што реално го потрошиле.

– Ако корисникот нема отчитано броило и добие сметка со претпоставени вредности во кои има повеќе или помалку киловат-часови, тие во следната сметка ќе бидат впишани или одземeни. Корисниците што сметаат дека добиле фактури за електрична енергија со повисока сума може да ја споредат потрошувачката во киловат-часови наведена на фактурата со потрошувачката во киловат-часови на броилото. Доколку има поголема разлика во висината на потрошувачката изразена во киловат-часови, корисниците може да се обратат до најблискиот кориснички енергоцентар (КЕЦ) или до контакт-центарот со барање за корекција – вели тој.

daniela.t@novamakedonija.com.mk