Шпаркасе Банка и ЕБОР ја продолжуваат успешната соработка за кредитите за енергетска ефикасност

60

Денес, во рамките на Инвестицискиот самит за Западен Балкан во Лондон, Шпаркасе Банка Македонија и Европската банка за обнова и развој потпишаа два договора во вкупен износ од 5 милиони евра, за продолжување на соработката во финансирањето на станбени кредити и поддршка на инвестициите во еколошки технологии со високи
перформанси, наменети за зградите во приватна сопственост, вклучувајќи и објекти за домување во Северна Македонија.

Шпаркасе Банка Македонија уште во 2018 година ги препозна предностите и придобивките од финансирањето на проектите за подобрување на енергетската ефикасност во Северна Македонија и генерирање енергетски заштеди на локалниот пазар. Еко-кредитите за унапредување на енергетската ефикасност ги интегрираат придобивките за домаќинствата, добавувачите на енергетско-ефикасни технологии, како и за заштита на животната средина, која е во фокусот на стратегијата за корпоративна општествена одговорност на Шпаркасе Банка Македонија.

– Како пионери во промовирањето на зелената економија сме особено задоволни од досегашната соработка со Европската банка за обнова и развој, како и од постигнатите резултати преку финансирање на проектите за унапредување на енергетската ефикасност на домаќинствата, како и за унапредување на конкурентноста на малите и средни компании во Република Северна Македонија. Преку овие програми на ЕБОР, ние препознавме голем потенцијал за создавање енергетски и финансиски заштеди, кои ја подобруваат благосостојбата на нашите сограѓани, но и на македонската економија во целина – изјави г. Глигор Бишев, претседател на Управниот одбор на Шпаркасе Банка Македонија.
– Денес ја имам привилегијата да потврдам дека соработката со ЕБОР продолжува и во наредните години. Македонските домаќинства имаат сигурен партнер за создавање енергетско-ефикасни домови, со имплементација на технолошки напредни решенија и ултимативно, создавање почиста животна средина за сите. Со еко-кредитите реализирани со Програмата за поддршка на финансирање на зелената економија (GEFF), корисниците добиваат не само кредит со одлични услови, туку и можност за грант до дури 20% од износот на инвестицијата – изјави г-ѓа Викторија Јовановска, директор на Секторот за управување со физички лица.

Шпаркасе Банка Македонија континуирано и посветено работи на промовирање проекти за заштита на животната средина, како еден од најважните делови од стратегијата за општествена одговорност, која цели кон создавање трајни вредности и позитивно влијание врз општеството.

Шпаркасе Банка Македонија АД Скопје е дел од Ерсте и Шпаркасе Групацијата, која се состои од 49 штедни банки со речиси 2 века постоење на финансискиот пазар во Република Австрија. Воедно, таа е една од најсилните банкарски групации во Европа, која со својата долгорочна стратешка ориентација кон регионот на Западен Балкан придонесува и Шпаркасе Банка Македонија да претставува доверлив партнер за своите клиенти. Заедно со банките ќерки во Австрија, Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина, Словенија и во Црна Гора, таа е дел од сеопфатните банкарски мрежи во регионот – Штаермеркише Шпаркасе, која со својата билансна сума од 15 милијарди евра, 2.751 вработен и 233 експозитури и регионални центри опслужува околу 702.414 клиенти во земјите од регионот на Југоисточна
Европа.