Четири милиони денари за подобрување на инфраструктурата во Берово и Делчево

85

Со средства во висина од 4 милиони денари обезбедени од Министерството без ресор во Берово и Делчево се реализираат неколку значајни проекти за подобрување на инфраструктурата во овие две општини.

Како што истакна министерот без ресор, Аксел Ахмедовски, кој во текот на овој викенд е во посета на Пијанечко-Малешевскиот регион, средствата за реализација на инфраструктурните проекти се обезбедени преку посебни ставки на Министерството за транспорт и врски.
 

– Во Берово се распределени средства во висина од 2 милиони и 300 илјади денари, за реконструкција на две улици во Ромското маало. Таму градежните активности се во тек и наскоро се очекува истите да завршат. Во Делчево при крај е реконструкцијата на улицата Илинденска која се гради со средства во износ од 1.700.000 денари, вели Ахмедовски.

 
Според информациите на министерот се бараат начини и средства до крајот на годината во Делчево да се продолжи со изградбата на уште неколку улици.
 
– Во план сме да реконструираме повеќе улици во стариот дел на Делчево со изградба на потпорни ѕидови и поголем број на мали улици, така што во текот на наредниот период можеби и до крајот на оваа година ќе се фокусираме на изнаоѓање средства за реализација на овие проекти, информираше Ахмедовски.
 
Делчево и Берово се дел од 9 општини кои добија средства од Министерството без ресор. Како што истакнуваат од министерството, средствата кои се во висина ид 20 милиони денари претежно се доделени за реализација на инфраструктурни проекти.