Четиридневна работна недела во замена за подолги смени

227
Фото: Дарко Андоновски

Дали четиридневната работна недела со смени во траење од 10 часа би помогнала, одмогнала или би немала никакво влијание врз продуктивноста во работењето, е дебатата што во моментов се води во Америка, додека овдешните експерти велат дека самата идеја е утописка, бидејќи економијата ќе страда од намалената конкурентност и ограничените финансии

Скратена работна недела на четири работни дена во замена за подолги смени стана многу актуелна во бизнис-круговите во Америка. Американците, кои работат во просек над 40 часа неделно, се отворени за идејата да работат во подолги смени за да ја скратат својата работна недела на четири дена. Според нашите експерти, кога во Македонија би се вовела скратена работна недела, би се добил само спротивен ефект од оној во странство, бидејќи кај нас сѐ уште преовладува физичката работа.
Извештаите на агенцијата за испитување на јавното мислење „Расмусен“ покажаа дека 53 отсто од Американците повеќе би сакале да имаат четиридневна работна недела со десетчасовно работно време, одошто петдневна работна недела со работно време од 8 часа.

Околу 20 отсто од Американците сметале дека ваквата промена не би направила некоја голема разлика, 15 отсто гласаа против недела со четири работни дена, додека 12 отсто од испитаниците беа неодлучни во врска со идејата.
Прашањата од истражувањето се однесуваа на тоа дали десетчасовниот работен ден би бил добар или лош за работниците, како и дали четиридневната работна недела со смени во траење од 10 часа би помогнала, одмогнала или би немала никакво влијание врз продуктивноста во работењето.

Во Америка мажи постари од 25 години во просек работеле 43,6 часа неделно, додека на жените од истата возрасна група работната недела просечно им траела 41 час. Така било во 2017 година, според официјалните податоци на Бирото за статистика на трудот.

Платата за пократка работна недела би останала иста, а би се намалиле патните трошоци, тврдат од американска компанија за бизнис-консалтинг. Ова би им овозможило на вработените Американци подобар баланс помеѓу работата и приватниот живот, особено на оние што имаат деца.

– Секако, тука се и недостатоците во врска со менаџирањето на намаленото време достапно за продажби, состаноци и други административни задачи. Работниот ден со два дополнителни работни часа, исто така, би можел да биде исцрпувачки за вработените што се наоѓаат на напорни работни позиции. Четиридневната работна недела не е соодветна за секој бизнис и за секој вработен. Треба да се проценат опциите, да се добие повратна информација од персоналот и да се проверат правните импликации од префрлувањето на четиридневна работна недела – велат од компанијата „Невада смол бизнис“.

Емилија Стевановска, професорка на институтот за менаџмент БАС, вели дека продуктивноста на трудот е мерка на економскиот пораст на една земја и дека таа го покажува количеството добра и услуги произведени во единица време, поточно продуктивноста на трудот го дава количеството на реалниот БДП произведен во еден работен час.

– На долг рок, продуктивноста на трудот по работен час е најважната детерминанта на просечното ниво на плати во економијата. Земјите чии работници произведуваат поголемо количество добра и услуги во единица време имаат повисок стандард на живеење. Во согласност со тоа, како што расте националната продуктивност, така расте и просечното ниво на плати во таа земја – појаснува Стевановска.

Таа истакна дека за да се измери продуктивноста на трудот, од една страна како категорија се користи реалниот БДП, а од друга страна работните часови што ги инкорпорираат времето поминато на работа, вложениот труд и вештините.

– Квалитетот на работните часови не е секогаш јасна величина, па затоа секогаш како именител на продуктивноста се користат работните часови. Доколку реалниот БДП остане во количество ист, а работните часови се намалени, тогаш имаме поголема продуктивност на трудот, работниците би имале повеќе време и енергија да уживаат во својот приватен животи и да се намалат отсуствата од работа – нагласува Стевковска.

Како што објаснува професорката на БАС, ваквата идеја е утописка, бидејќи економијата ќе страда од намалената конкурентност и ограничените финансии. Според неа, ова е сепак само експеримент и не дава никаква основа да се применува и во други земји, вклучувајќи ја и нашата, сѐ додека не биде докажан како исправен.

– Во Македонија сѐ уште доминираат дејностите што бараат едноставен мануелен труд, каде што зголемувањето на продуктивноста е овозможено само со посовремени машини и алатки, а резултатите од поголема мотивација на работниците се движат од 1 до 2 отсто. Во овие дејности зголемувањето на работното време за 2 часа во замена за скратена работна недела значи помало производство, кое автоматски ќе предизвика влошување на финансиската состојба на компаниите, бидејќи би можело да ги доведе до умор работниците – смета Ангел Димитров, претседател на Организација на работодавци на Македонија (ОРМ).

Според неговото мислење, ова во Македонија би предизвикало повеќе негативни од позитивни ефекти.
– Можеби е добро на компаниите да им се остави можност сами, според дејноста и процените, да одберат како би работеле – истакна Димитров.