Четвртиот пакет економски мерки ќе биде објавен в недела

157

Владата в недела ќе ги објави мерките од четвртиот пакет и со тоа се затвораат дебатите за развој на мерките, соопшти премиерот Зоран Заев.

Денеска се одржуваат последните консултации на економскиот тим министри со претставници на коморите, а за утре е закажан состанок на вицепремиерот Фатмир Битиќи и министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, со Економско-социјалниот совет.

Мерките се однесуваат на периодот до крајот на годината и некои од нив ќе се носат преку одлуки на Владата, а дел треба да помине во Собранието. Заев очекува парламентот да ги донесе мерките до 15 октомври. Предвидено е да траат три месеци, но во пакетот има и такви што се однесуваат и до крајот на 2021 година.

Во однос на субвенционирањето плати по етничка основа, Заев посочи дека тоа е јасно определено во програмата на 39. страница во делот каде што се работи за водење грижа за еднаквоста при помагањето, односно рамномерниот регионален развој.

– Граѓаните се еднакви, еднаквоста мора да биде застапена, но не може да кажеме дека сме еднакви ако Кумановскиот Регион има најмногу невработени, по него е Скопскиот и сите други региони. Тоа значи посебна ориентација во регионите каде што има најголема невработеност. Посебно не може да кажеме и дека ни се исто развиени селата и градовите, што значи поголем фокус на селата во делот на поддршката на работни места, инвестиции или развој на севкупните економски аспект – рече Заев.