Цените ќе паѓаат со зголемувањето на потрошувачката на гасот

475
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Гасификацијата позитивно ќе влијае од економски, еколошки и од енергетски аспект, а вистинските ефекти ќе се почувствуваат дури откога ќе се обезбедат услови за евтин приклучок, евтина цена за пренос, конкурентност, субвенции или евтини кредити за приспособување на внатрешните инсталации и опрема, но и за диверзификација на изворите за снабдување

Намалени трошоци за енергија, како кај домаќинствата така и кај компаниите, намалени емисии на штетни гасови во воздухот и многу други придобивки би имале граѓаните на Македонија доколку се прошири гасификациската мрежа во државата, но и доколку гасот стане достапен за домаќинствата. 

– Придобивките ќе бидат големи. Природниот гас е најеколошки и најевтин енергент за користење, како во домаќинствата така и во индустријата. Ако ги имаме предвид нивото на загаденост на амбиенталниот воздух, цената на електричната енергија, цената на парното греење, куповната моќ на просечното семејство во Македонија, брзата гасификација е единственото решение за овие проблеми – вели извршниот директор на „Македонски енергетски ресурси“, Бајрам Реџепи.

Тој додава дека е потребно да се обезбедат услови за евтин приклучок, евтина цена за пренос, конкурентност, субвенции или евтини кредити за приспособување на внатрешните инсталации и опрема, но и за диверзификација на изворите на снабдување.

– Брзиот пораст на потрошувачката на гас ќе придонесе и за намалување на цените. Но за да се постигне ова, ќе треба добро да се издефинира моделот за развој на дистрибутивните мрежи, гледајќи ги најдобрите европски искуства. Ако обезбедиме услови за евтини цени кон крајниот потрошувач, интересот ќе биде голем. Убеден сум дека тоа е возможно, ако ги гледаме цените во регионот – истакна Реџепи.

Гасификацијата на Скопје, но и на другите големи градови низ Македонија позитивно ќе влијаат, како од економски така и од еколошки и од енергетски аспект. Ќе се намалат трошоците за енергија кај домаќинствата и бизнис-заедницата, но и ќе се отворат нови работни места со ангажирање градежна оператива за изградба на инфраструктурата. Исто така ќе има зголемување на сигурноста во снабдување со енергија, зголемување на енергетската ефикасност, но и намалување на емисијата на штетни материи и поголема заштита на животна средина. Со природниот гас ќе се заменат досега користените енергенти, кои емитираат поголемо количество штетни материи како мазутот, екстра лесното масло и огревното дрво во процесот за греење.

– Во согласност со светските научни студии, термоцентралите што како гориво користат природен гас емитираат 50-60 отсто помалку јаглерод диоксид во однос на термоцентралите што користат јаглен. Возилата што користат природен гас емитираат 15-20 проценти помалку јаглерод диоксид во однос на возилата што користат бензин.

Се обезбедува евтин енергент за комерцијалниот сектор за зголемување на конкурентноста, односно пониски производни цени за производите и услугите што ги нудат на пазарот, подигање на нивото на условите за квалитетно одвивање на јавните дејности, подигање на еколошките стандарди, обезбедување средства за нови инвестиции од заштедата, и на тој начин и за локален економски развој – велат од Министерството за економија.

Законот за енергетика предвидува дека системи за дистрибуција на природен гас на територијата на Република Македонија може да градат правни лица врз основа на договор за јавно-приватно партнерство доделен од страна на Владата, и договор за концесија за јавна услуга доделен исто така од Владата, со кој концесионерот се обврзува да изгради и да користи и управува нов систем за дистрибуција на природен гас.

Исто така, систем за дистрибуција на природен гас може да гради и со него да управува и јавно претпријатие или друго правно лице основано од единицата на локалната самоуправа. Но,доколку на одредено подрачје веќе има систем што не е доволно искористен, постапка нема да се спроведе.

– Со ова законско решение се овозможува општините доколку имаат сопствени средства да основаат јавно претпријатие за вршење на дејноста дистрибуција на природен гас, што според стариот закон не постоеше. Општините имаат можност да ја почнат постапката за изградба на нови дистрибутивни системи за природен гас и по пат на јавно-приватно партнерство, при што постапката ја спроведува Владата – појаснуваат од Министерството.

Потенцијални корисници на природен гас се домаќинства, односно и куќите и становите или зградите, но и комерцијалниот и услужниот сектор и објекти од индустријата. Студијата за оправданост од 2015 година предвидува значително намалување на трошокот за греење на граѓаните доколку се гасифицираат.

– За секој инвеститор прв приоритет за изградба на дистрибутивни гасоводни мрежи се индустриските потрошувачи, нивната оддалеченост од планираната делница и нивниот конзум, бидејќи инвестицијата во изградбата на дистрибутивната мрежа е голема. За изградбата на секундарната гасификациска мрежа, сметаме дека треба да се поттикне заинтересираноста на граѓаните преку кампањи, информативни собири, анкетни листи бидејќи користењето на природниот гас е избор на граѓаните, а ако истите тие имаат економски интерес, имајќи ги предвид и другите бенефиции од искористувањето на природниот гас, очекувањата се дека тие ќе одберат природен гас – додаваат од Министерството за економија.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Парцијална гасификација нема да го даде посакуваниот ефект

Владата го задолжи Министерството за економија да формира работна група, која ќе предложи модел за развој на дистрибутивниот систем во Република Македонија. Работната група е формирана и за 45 дена треба да достави конкретен модел до Владата, по што ќе се пристапи кон активности за натамошен развој на дистрибутивната мрежа на целата територија на Македонија, објаснуваат од Министерството за економија.
– Потребен, но недоволен, услов е да имаме изградена преносна мрежа на територијата на државата и ние тоа сега го обезбедуваме за повеќе региони и општини, но бавната и парцијална гасификација нема да го има посакуваниот ефект за многу краток рок. Гледајќи ја финансиската моќ на општините, искуството, стручниот кадар, но и состојбата на сегашните јавни претпријатија, мислам дека ретко која општина има капацитет да го направи тоа и притоа да обезбеди услови за евтини цени до крајниот потрошувач – објаснува извршниот директор на МЕР, Бајрам Реџепи.
Тој вели дека гледајќи ги најдобрите европски пракси и успешните модели во другите држави, најдобар модел е јавно-приватно партнерство со строго дефинирани услови, обврски и рокови, за да се гасифицира целата држава, вклучувајќи ги и општините што не можат сами да се гасифицираат и не се атрактивни за приватни оператори, за во исто време да се обезбедат услови за конкурентност.
– Ќе треба да се слушнат мислењата на експертите, општините и институциите, бидејќи овој проект е еден од најголемите и најбитните во државата. Изведбата на главните гасоводни делници, од друга страна, се реализира со забрзано темпо. Откако решивме голем дел од експропријација минатата година, очекувам дека оваа година ќе ги завршиме градежните активности и до средината на наредна година делниците Неготино – Битола, и Скопје – Гостивар ќе бидат пуштени во употреба – дополнува Реџепи.


Досега приклучени околу 60 компании

Потрошувачите во Македонија имаат можност да се снабдуваат со природен гас од снабдувачи со природен гас и трговци со природен гас, кои имаат лиценци за вршење енергетска дејност издадени од страна на Регулаторната комисија за енергетика. Во државата се регистрирани 16 трговци на природен гас и 3 снабдувачи со природен гас. Исто така има тројца носители на лиценца за дистрибуција на природен гас, кои покрај дејноста дистрибуција на природен гас, во согласност со законот вршат и дејност снабдување со природен гас.
Големите компании можат директно да се приклучат на примарната мрежа за природен гас. Во согласност со билансот на АД ГА-МА досега се приклучени околу 60 деловни субјекти на гасоводната мрежа, објаснуваат од Министерството за економија.
– Интересот е голем, но мислам дека ќе биде уште поголем откако ќе се обезбедат многу подобри пазарни услови. Досега бројот на приклучоци е релативно мал и се должи на недоволно развиените преносни и дистрибутивни мрежи – додава Реџепи.