Цените на становите се вратија на максимумот од пред десет години

609

Статистички има зголемена продажба на станови и раст на нивните цени, но податоците на Народната банка покажуваат дека цените на недвижностите го достигнаа нивото од 2010 година

Цените на становите во Македонија, особено во Скопје, растат и покрај кризата предизвикана од коронавирусот. Иако дел од градежните компании прикажаа пад на активностите поради кризата и поради мораториумите за градба во Скопје, сепак и во 2020 година, статистички, има зголемена продажба на станови, но и раст на цените. Податоците на Народната банка покажуваат дека цените на недвижностите го достигнаа нивото од 2010 година, цени што не беа забележани во сите претходни години, а на квартално ниво имаше раст во сите четири тримесечја. Според регистарот на цени на Агенцијата за катастар на недвижности, за третиот квартал, за кога има последни податоци, се продадени 688 нови станови што е за седум станови повеќе од претходниот квартал. Во тој период се продадени и 3.862 стари недвижности. На пазарот непродадени стојат 6.923 стана, новоградби. Надлежните велат дека пазарот со недвижности се соочил со отежнато работење, административни пречки, како и зголемување на цените на градежните материјали поради пандемијата и дека ова е една од причините за раст на цената на становите.
Според Игор Панчевски, генерален менаџер на агенцијата за недвижности „Левел 7“, зголемувањето на бројот или обемот на продажбата на становите, освен поради константното побарување на станoви, се должи најмногу и на состојбата со пандемијата, и тоа од две причини.
– Првата причина е тоа што со пандемијата сметам дека граѓаните увидоа дека секако, освен здравјето, најбитна ни е благосостојбата во домот и потребата од сопствен простор, особено кога беа наложени рестрикции во движењето, што влијаеше особено кај помладите лица или брачни парови, кои, секако, и претходно биле на размислување и имале можност да инвестираат во нов дом, да ја забрзаат одлуката и да го решат станбеното прашање – вели Панчевски.

Тој додава дека втората причина што во голема мера влијаела на зголемување на продажбата на становите се и граѓаните што биле на привремен престој и работа надвор од државата и морале да се вратат. И поради неизвесноста со пандемијата и ниските камати на штедни влогови во банките, многу од нив одлучиле средствата што ги заработиле таму да ги инвестираат во станбен простор, особено во Скопје како најсигурна инвестиција во моментов.
– Сево ова, како и намалениот обем на работа на градежните фирми, цените на градежните материјали и работната рака, како и намалувањето на понудата на станови, особено во централното градско подрачје каде што има мораториум односно забрана за градба, придонесе за зголемување на цената на станбениот простор – објаснува Панчевски.
Тој споменува дека гледано по локации, просечните цени се највисоки во Центар – 1.250 евра на квадратен метар и во реонот на Карпош 1, 2, 3, Тафталиџе 1 и Козле каде што просечните цени се движат помеѓу 1.150 и 1.200 евра, а најевтини се во Хром – 950 евра.
– На одредени локации, особено на поатрактивните како Центар, Тафталиџе и Водно, се нудат станови со цени и над 1.300 евра за квадратен метар во зависност од атрактивноста на локацијата и понудата – истакна Панчевски.
Како што напоменува тој, забележано е намалување на градежните активности, дел поради новонастанатата состојба со пандемијата, но во најголем дел поради намалениот избор на атрактивни локации за изградба, што е последица на забраната за градба и мораториумот на дел од деталните урбанистички планови во централното градско подрачје.

Според градежникот Никола Велковски, поради недостигот од материјали што се користат во градежништвото, се очекувало во следниот период да растат цените на недвижностите.
– Проблемот со недостиг од материјали, како и поскапувањето на транспортот на материјалите, влијае врз финалните цени во градежништвото, поточно на раст на цените на недвижностите. Странските доставувачи најавија дека ќе растат цените на материјалите, а поскапе и транспортот. Очекувано беше и домашните материјали да поскапат, иако нив и ги немаме многу. Сево ова направи да се зголемат цените и на недвижностите, а дополнително може да пораснат и поради недостиг од квалификувана работна сила. На терен се чувствува недостиг од градежни квалификувани кадри, нема поврат на ваквите кадри од развиените земји, напротив и понатаму се бараат, а тоа се одразува врз финалните цени. Нивните плати растат последниве години, а тоа мора да се вкалкулира во цената на крајниот продукт – истакнува Велковски.


Просечни цени за продажба на станови по квадратен метар

Центар 1.250 евра
Карпош 1 1.200 евра
Карпош 2 1.200 евра
Карпош 3 1.200 евра
Карпош 4 1.100 евра
Тафталиџе 1 1.200 евра
Тафталиџе 2 1.100 евра
Козле 1.200 евра
Влае 1.000 евра
Хром 950 евра
Ѓорче Петров 900 евра
Аеродром 1.100 евра
Ново Лисиче 1.000 евра
Кисела Вода 1.000 евра