Цените на овошјето и на зеленчукот уриваат рекорди

1126
Фото: Дарко Андоновски

Порастот на цените на земјоделските производи се должи и на фактот што тие се препродаваат неколкупати пред да стигнат кај крајниот потрошувач, но и на намалените засадени површини, на увозот, како и на заминувањето на младите од државата што тука се занимавале со земјоделство

Континуираниот пораст на цените на земјоделските производи им создава главоболки на граѓаните. Секоја година цените на овошјето и зеленчукот на пазарите и во маркетите стануваат сѐ повисоки, па некои од граѓаните велат дека им станува тешкотија да зготват ручек, а камоли да размислуваат за зимници. Продуктите на пазарите и во екот на сезоната се со вонсезонски цени, па, така, доматите овој период се продаваат по цена од 40 до 100 денари, пиперот се движи по цена од 40 денари нагоре, додека лубениците по 20 денари килограм.

– Порано од пазар се враќавме со полни торби овошје и зеленчук, сега со мојата пензија одвај успевам да набавам производи што ќе ми траат една недела. Цените секоја година растат, па ни станува навистина тешко да си овозможиме набавка на сезонски производи – вели Надица Трпковска од Скопје.

Земјоделците, од своја страна, имаат поинакви мислења. Тие тврдат дека растат трошоците за производство на земјоделските продукти, а со тоа мора да пораснат и цените на производитe. Сепак, истакнуваат дека од нивните ниви продуктите заминуваат по многу пониски цени од оние по кои се продаваат на пазарите.
– Цел живот работам земјоделство, а трошоците за производството се зголемуваат секоја година. Сепак, цената на мојот производ што им го давам на трговци е многу пониска од оние на пазарите. Откај мене од нива доматот го земаат за 30-40 денари, во зависност од типот. Разликата до пазарските цени оди кај трговците – вели земјоделец од скопско Зелениково.

Упатените велат дека целата вина за овие збунувачки високи продажни цени паѓа на откупувачите, кои се претвориле во организиран монопол, бидејќи по ниски цени им откупуваат на земјоделците, а производите ги продаваат по високи цени.

– Проблемот е и во големата бирократија и административен апарат, кој неколкукратно се зголеми, а за чие одржување се потребни финансиски средства што се собираат од такси, лиценци, дозволи, потврди, акцизи… Сето тоа го оптоварува производот додека патува кон крајната цел, консументот – објаснува Љупче Станковски, претседател на здружението на земјоделци „Агрофаланга“.

Додека од една страна има незадоволни и финансиски немоќни купувачи, од другата страна, како што вели тој, се разочараните земјоделци, кои со вакви ниски откупни цени можат да пропаднат.

– Големата разлика меѓу откупната и продажната цена, што ги уништува нашите потрошувачи, се создава од пресметаниот работен ангажман на вработените во продавниците, индустриската цена на енергијата за ладилниците, одржувањето возила, кирии, даноци… Тие трошоци се толку големи, што веќе фиксно се поставуваат. Ќе ви посочам еден пример: ако овоштарите им ги подареа јаболката на продавачите, тие пак ќе имаа цена од 15 денари – истакна Станковски.

Како што вели тој, земјоделците се подготвени своите производи да ги понудат на зелените пазари за повисока цена од откупната, но, за жал, таквите производители постепено се намалуваат, не можат да бидат и на нива и на пазарска тезга, младите не работат на поле или бегаат во странство, а старите градинари се остарени или изумрени. Тоа е и причина за намалените засадени површини. Сите наведени факти, како и увозот на некои земјоделски култури, се причини што се одразуваат и на квантитетот на производството.

За да стигнат од нивата до крајниот потрошувач, градинарските производи се препродаваат и по неколкупати. Земјоделците велат дека цените на сите земјоделски производи растат во синџирот на препродажбата, а профитот го собираат препродавачите, и тоа на штета и на производителите и на крајните потрошувачи. Разликата во цената е голема, производот поминува низ неколку раце додека стигне до купувачот и затоа достигнува енормни цени, велат земјоделците.

[email protected]