Цените на нафтата стануваат сѐ понепредвидливи

309
Цените на горивата во земјава не го следат светскиот тренд Фото: Игор Бансколиев

Упатените истакнуваат дека е тешко да се предвидат движењата на цената на нафтата во иднина, бидејќи на нејзиното формирање влијаат многу фактори, како што, меѓу другите, е и последното нарушување на пазарот поради коронавирусот во Кина

Иако цената на нафтата на светските берзи во периодот од средината на јануари до 10 февруари се намали од 70 на 53 долари за барел, што е намалување од други 24 отсто за помалку од еден месец, ова значително поевтинување на црното злато на светските берзи не се почувствува во Македонија. Вистина, имаше краткотрајно намалување на цените на бензините, но тие пак поскапија за половина денар, така што не се остварија очекувањата на граѓаните и на бизнис-заедницата дека овдешните цени ќе ги следат тие на светските берзи.

Упатените истакнуваат дека е тешко да се предвидат движењата на цената на нафтата во иднина, бидејќи на нејзиното формирање влијаат многу фактори, не само цената на суровата нафта, поради што е неблагодарно да се прогнозираат идните движења.
Меѓународната агенција за енергетика ја намали својата прогноза за глобалната побарувачка на нафтата за 2020 година и тоа за 365 илјади барели на ден, што е всушност и најниско ниво од 2011 година. Главна причина за драстично намалената побарувачка на нафтата е појавата на епидемија на коронавирусот, што предизвика намалување на потрошувачката во кинеската економија, но и стопирање на авиолетовите кон и од земјата.

Во Македонија, со последната одлука на Регулаторното тело, еуросупер 95 се продава по цена од 66 денари за литар, а дизелот по цена од 58 денари за литар. Ова е највисоката цена одредена од РКЕ и иако бензинските пумпи имаат можност да продаваат и по пониски цени, сепак, тие си ја користат можноста за продажба по највисоката дозволена цена.

– Цената на суровата нафта на светските берзи се намали во изминатиот период поради нарушениот баланс на понуда и побарувачка на сурова нафта на светските берзи. Причината поради која дојде до ова нарушување, пред сѐ, се должи на појавата на коронавирусот во Кина, кој, пак, предизвика намалена потрошувачка во Кина, која е најголем светски увозник и потрошувач на оваа суровина. Очекувањата околу тоа дали ова е најдолниот пад на цените или уште ќе паѓаат, ќе зависи од исходот на министерскиот состанок, кој ќе се одржи во Виена на 5 и 6 март, помеѓу земјите на ОПЕК и државите што не се членки на извозниот картел. На состанокот ќе се дискутира дали ќе биде прифатен предлогот на Саудиска Арабија за поместување на стратегијата на ОПЕК за глобално ограничување на производство на сурова нафта за уште еден квартал, а притоа земајќи ја моменталната состојба настаната со нарушување на балансот на понуда и побарувачка на сурова нафта на светските берзи – објаснуваат претставниците на Регулаторната комисија за енергетика.

Од РКЕ додаваат дека во согласност со правилникот за формирање највисоки малопродажни цени на одделни нафтени деривати и горива за транспорт, на секои седум дена утврдуваат највисоките малопродажни цени за одделни нафтени деривати.
– Со важечките одредби и закони, децидно се дефинирани износите на давачките и Регулаторната комисија за енергетика нема надлежност околу нивното менување. Република Северна Македонија има најниско учество на давачките при формирањето на крајната, малопродажна цена на нафтените деривати – истакна регулаторот.

Во цените на горивата во земјава, покрај набавната цена, влегуваат и други давачки, кои значително ги зголемуваат крајните износи. Имено, највисоките набавни цени за нафтените деривати се драстично пониски, и тоа за еуросупер 95 цената е 26,810 денари за литар, а дизелот чини само 27,234 денари за литар.

Покрај набавната цена, највисоката давачка што ги поскапува нафтените деривати е акцизата, која за еуросупер изнесува 21,802 денар за литар, додека за дизелот изнесуваат 15,239 денари. Покрај акцизата, во цената се вклучени и надоместокот за задолжителни резерви на нафта и нафтени деривати, надоместокот за финансирање на активностите во областа на животната средина, надоместок за трошоци за работење преку склад, трговска маржа и данокот на додадена вредност.


Просечна малопродажна цена на горивата во земјите во регионот

Еуросупер БС – 95

Грција 1,596
Албанија 1,410
Хрватска 1,344
Црна Гора 1,310
Словенија 1,289
Србија 1,264
Унгарија 1,136
Бугарија 1,107
БиХ 1,102
Романија 1,072
Македонија 1,063

Цените се изразени во евра по среден курс на националните банки

Евродизел

Албанија 1,402
Србија 1,376
Грција 1,351
Хрватска 1,268
Словенија 1,239
Црна Гора 1,190
Унгарија 1,160
Бугарија 1,110
Романија 1,098
БиХ 1,092
Македонија 0,933

Извор: УНКС – Здружение на нафтени компании од Србија