Цените на енергентите ги поскапеа земјоделските производи

93
Скапото гориво има најголем удел во неконкурентноста на македонските земјоделски производи - Фото: Дарко Андоновски

Најголем пораст на производствените трошоци во земјоделството Државниот завод за статистика регистрирал кај средствата наменети за енергијата, горивата и мазивата, чија потрошувачка пораснала за 6,5 проценти

Трошоците за производство на земјоделски продукти се зголемиле, покажуваат последните податоци на Државниот завод за статистика. Притоа извештајот покажува дека најголем пораст кај тековните трошоци има во средствата наменети за нафтени деривати.
– Во мај 2019 година, во споредба со мај 2018 година, индексот на цените на инпут 1 или тековно потрошени средства во земјоделството изнесува 102,4 – се наведува во соопштението.

Во табелата изработена од ДЗС може да се забележи дека најголем пораст има кај средствата наменети за енергијата, горивата и мазивата, чија потрошувачка пораснала за 6,5 проценти за една година.
Земјоделците и претходно алармираа дека трошоците за нафта и нафтени деривати значително се одразуваат врз производството, односно врз трошоците што се прават во земјоделското производство и дека истото тоа се одразува и врз цените на производите.

– Во принцип, нафтата опфаќа голем дел од трошоците во земјоделството. Тие претставуваат значајна ставка во производството на земјоделски продукти, секако зависи за кој производ станува збор, но начелно нафтата има голем удел. Во земјоделството нафтата не е потребна само за орање туку за многу повеќе активности. На пример една нива во годината мора да се преора дури трипати ако се одгледуваат градинарски производи. Поради ова нафтата значително придонесува кон пораст на цената на крајниот производ – објаснува Данаил Паланков, земјоделец од струмичкото село Муртино.

Поради ова Паланков посочи дека најавите за доделување зелена нафта за земјоделците беа прифатени со воодушевување од земјоделците, но веќе почнуваат да губат надеж дека таа ќе стигне до нив. Меѓу другото, тој додаде дека земјоделството масовно се напушта, бидејќи е неисплатливо поради превисоките производствени и прениските откупни цени.

Првиот човек на Сојузот на земјоделците, Вељо Тантаров, пак, истакна дека веќе е непотребно да се зборува за зелената нафта, бидејќи, и покрај многуте изјави и рокови, досега таа сѐ уште не е воведена, но и не се знае кога ќе почнат да ја добиваат земјоделците.

– Нека кажат конечно веќе министерот и другите задолжени од Министерството кога земјоделците ќе ја добијат зелената нафта. Вака веќе е непотребно да се зборува што било на оваа тема. Досега требаше да ја добиеме поевтината нафта за да ја искористиме за пролетната сеидба. Навистина одлуката е позитивна и на земјоделците им треба ваква поддршка, но прашањето е кога ќе може да се користи – рече Тантаров.

За потсетување, зелената нафта како мерка за поддршка на земјоделците беше најавена уште во предизборната кампања на владејачката гарнитура, но таа сѐ уште не е стигната на нивите. Според најавите, преку платежни картички земјоделците ќе можат да купуваат еуродизел-гориво за земјоделска механизација. Околу 55 илјади земјоделци треба да бидат опфатени со мерката зелена нафта, а програмата за директни плаќања предвидува 200 милиони денари. Висината на поддршката по корисник е утврдена во зависност од големината на површината и типот на земјоделските култури што ги одгледува. Компанијата што ќе го добие тендерот ќе треба да ги испечати платежните картички и да ги достави до Платежната агенција, која преку подрачните единици ќе им ги доделува на земјоделците.

Скапото гориво има најголем удел во неконкурентноста на македонските земјоделски производи наспроти производите од увоз. Очекувањата се дека со зелената нафта ќе се постигне значителна конкурентност на македонските производи преку намалување на производствената цена. Постојаниот пораст на цената на нафтата се одразува врз работата на земјоделците. Тие истакнуваат дека цената на горивата учествува со висок процент во трошоците и има значително влијание врз крајната цена на земјоделските продукти. Земјоделците велат дека намалувањето на цената на нафтата ќе ги поевтини земјоделските производи.

[email protected]