Цената на нафтата ја засолуваат геополитичките случувања

423

Македонските власти со своите механизми на фискалната и на монетарна политика во овие услови, секако, би требало да размислат за некои фискални – даночни мерки за олеснување, односно намалување на акцизата и на ДДВ за нафтените деривати, кои би го намалиле товарот на поскапувањето на цената на горивото предизвикан од случувањата на глобалната сцена

Нема држава што успеала да се спаси од зголемувањето на цените на нафтените деривати, како последица на растот на цените на суровата нафта на светскиот пазар. Посебен проблем со државите во регионот е тоа што имаат скоро изедначени цени со развиените држави во Европа, во кои граѓаните имаат многу поголеми плати.
Цените на нафтата на светските берзи достигнаа највисоко ниво во последните три години како резултат на зголемената нерамнотежата меѓу понудата и побарувачката.
Според аналитичарите од инвестициското друштво „Капитал РС“, од почетокот на 2018 година, цената на суровата нафта бележи раст.

Податоците покажуваат дека цените на горивото во регионот достигна рекордно високи вредности, а за литар дизел-горива се плаќа помеѓу 1,05 и 1,41 евро.
Како што велат од „Капитал РС“, од 60,21 долари за барел колку што изнесуваше во 1 јануари 2018 година, цената на овој енергент на 22 мај достигна највисока вредност во оваа година, 72,88 долари за барел. Оттогаш, цената на нафтата забележа остар пад и на 11 јуни се движеше околу 65,6 долари, така што од почетокот на годината се зголеми за околу 9 отсто.

Причините за зголемувањето на цените на суровата нафта на светскиот пазар се наоѓаат во три фактори, додаваат од „Капитал РС“.
– Првиот фактор е спогодбата на ОПЕК и на Русија, која стапи во сила во почетокот на 2017 година и која имаше цел со намалување на производството на овој енергент да ја врати цената на суровата нафта на рамнотежно ниво т.е. да ја зголеми. Потоа, Венецуела, како еден од поголемите производители на нафта во рамките на ОПЕК, има економски тешкотии, кои се одразуваат и на нејзината нафтена индустрија. Извозот на суровата нафта од Венецуела е намален што дополнително ја намалува понудата на овој енергент на глобалниот пазар и придонесува кон порастот на цената на суровата нафта – истакнуваат оттаму.

Аналитичарите го посочуваат и третиот фактор, а тоа е повлекувањето на Соединетите Американски Држави од договорите за нуклеарно разоружување со Иран, третиот најголем производител на нафта во рамките на ОПЕК. Поради тоа, тие изразуваат загриженост дека санкциите би го забавиле извозот на суровата нафта од оваа земја, со што уште повеќе би се зголемила цената на овој енергент.
Како што се приближува редовниот состанок на ОПЕК на 22 јуни во Виена, на кој ќе се разгледува зголемувањето на производството на суровата нафта, ценовните осцилации на суровата нафта може да се зголемат.
На Балканот, Македонија е земја со многу евтини, можеби и најевтини горива, но исто така имаме и поевтини горива и од некои централно европски земји, членки на ЕУ (Чешка, Словачка), но не и од другите земји, кои имаат свое производство или увоз преку нафтоводи и бродови.

Според аналитичарот Марио Шаревски, порастот на цените на горивата се одразува негативно врз населението, бидејќи горивото како основна состојка во цената на секој производ и услуга што се нуди на пазарот, само по себе создава спирала на поскапувања на сите сегменти од живеењето. Тоа, во услови на низок економски раст на економијата и низок стандард, ги осиромашува граѓаните и го става населението во сѐ потешка и понезавидна положба.

– Македонските власти со своите механизми на фискалната и на монетарна политика во овие услови, секако, би требало да размислат на некои фискални – даночни мерки за олеснување, односно намалување на акцизата и на ДДВ за нафтените деривати, кои би го намалиле товарот на поскапувањето на цената на горивото. Македонија како држава без излез на море и наедно земја низ која не минуваат стратегиски значајни нафтоводи и гасоводи, е во незавидна положба на целосно увозна зависност и тоа со дополнителен товар на царините и превозот на суровите и преработените нафтени деривати. Тоа значи дека најниската цена на горивата, која е добра социјална мерка, не би можела да се одржи на долг рок особено во услови на геополитички и економски случувања од светски, глобални размери, кои би влијаеле неповолно на цената на нафтата – појаснува Шаревски.

Тој вели дека геополитичките случувања од почетокот на Арапската пролет во 2010/2011, а особено последните 5 години од 2013 година со речиси директниот судир на глобалните сили во Сирија и промените на светската политичка сцена, особено со изборот и политичките потези што ги влече претседателот на САД, Доналд Трамп, (постигнување па повлекување од договорот со Иран – еден од светски најголеми произведувачи на сурова нафта, трговски војни и несогласувања со ЕУ, Кина, Русија, НАФТА) во огромна мера имаат влијание на овој тренд на поскапување.
– Секако влијаат и геополитичките збиднувањата на просторите каде што се најголемите резерви и производствени капацитети на нафта во светот – Блискиот Исток и вмешаноста на 2 најголеми сили и наедно производители на нафта, САД и Русија. Тоа има и ќе има значење на цената на нафтата, која, пак, во спирален ефект ги диктира сите други сфери на индивидуалниот и на општествено-политичкиот живот во светот – истакна Шаревски.

И поранешниот претседател на Стопанската комора на северозападна Македонија, Мендерес Кучи, вели дека цената на нафтата не зависи од нас, туку од случувањата на светските берзи.
– Поскапувањето на горивата и воведувањето акциза сигурно ќе влијае врз транспортот, а може и врз цените на другите производи. Иако има начини како да се компензира растот на горивата, на пример преку државни резерви, кај нас тоа не се применува. Има најави дека поскапувањето на нафтата ќе продолжи, што може лошо да се одрази на цените. Ќе бидеме среќни доколку тоа не предизвика инфлација. Но, во тој случај ќе мора да реагираат надлежните институции и да најдат решение да не дојде до инфлација – смета Кучи.

Регулаторната комисија за енергетика на РМ ги формира цените на нафтените деривати на секои две недели, во согласност со методологијата за формирање одделни цени на нафтените деривати, која е составен дел на купопродажниот договор на рафинеријата за нафта ОКТА. Оттаму напоменуваат дека со оваа методологија е пропишано дека влезни параметри при утврдувањето на цените на одделните нафтените деривати се просечната цена на нафтата од типот „брент“ на Лондонската берза, како и движењето на референтните цени на одделни нафтени деривати и просечниот курс на американскиот долар/денарот во изминатиот 14-дневен период.
– Во согласност со наведените параметри, кои во изминатите месеци беа во постојан раст, а причина за тоа се геополитичките случувања, дојде до зголемување и на рафинериските и на малопродажните цени на одделните деривати и кај нас во државата – појаснуваат од РКЕ.

Оттаму информираат дека највисока цена била утврдена во периодот март-април 2012 година, кога суровата нафта од типот „брент“ чинела од 125 долари/барел, малопродажните цени на бензините изнесувале околу 90 денари/литар, а дизел-горивото 75,50 денари/литар.


Цени на нафтени деривати на 5 јуни 2018 година (во евра)