Царовска: Оперативниот план за вработување ја исполни целта

170

Имплементацијата на оперативниот план за вработување придонесе за намалување на невработеноста, која денес изнесува 17,1 проценти, истакна вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска во Владата, каде што заедно со директорката на Агенцијата за вработување, Билјана Јовановска, ги презентира резултатите од реализацијата на Оперативниот план на програми и мерки за вработување за 2019 година.

– Треба да се истакне дека 59.600 лица во нашата држава се вработиле во две и пол години. Во 2019 година од буџетот се издвоени 1,3 милијарда денари, што е за 84 проценти повеќе од 2016 година, кога вкупниот буџет за оперативни мерки за вработување бил 707 милиони денари. Ова е директна интервенција во зголемување на вработеноста, но исто така е и можност за директна поддршка за формирање компании што понатаму ќе отвораат нови работни места – кажа Царовска.
Таа додаде дека средствата биле искористени и за нови бизниси и дека мерката била реализирана во сто проценти.

Јовановска, пак, нагласи дека реализацијата се должи на тимската работа и позитивната енергија од колегите од Агенцијата за вработување, центрите за вработување, МТСП, нивните партнери, работодавците и невработените.
– Со субвенционирањето плати се отворија 1.383 нови работни места. Поддршката за вработување и раст на правните субјекти придонесе за отворање 621 ново работно место. Практикантството како активна мерка беше многу побарувано од работодавците, беа активирани 1.697 млади. Она што го побара стопанството од нас беа обуките, претквалификациите и доквалификациите. Се спроведоа обуки со кои беа опфатени 22 занимања и беа спроведени 55 обуки низ цела држава – објасни Јовановска.

Таа нагласи дека имале најразлични обуки, од монтери, инсталатори, оператори за веб-дизајн, изработувачи на мебел, оџачари, електромеханичари, лични асистенти, фризери, козметичари, автомеханичари и заварувачи, поточно сите побарувани занимања и занаети што биле барани од работодавците и од анализите за потребите на пазарот на трудот.

– Агенцијата со Министерството успешно ги реализира обуките, при што 3.704 лица ги завршија, а во тек се обуки што ќе бидат реализирани овој месец. Активно работевме и на мерката што се финансира од посебниот фонд за вработување на инвалидните лица. Тука беа вработени 231 лице. Покрај финансиски средства, како поддршка за вработување на овие лица на фирмите и заштитните друштва им беа обезбедени финансиски средства за набавка на опрема за вработените инвалидни лица и за адаптација на работното место – нагласи Јовановска.