Царовска: Минималната плата ги даде очекуваните резултати

155

Минималната плата ги даде очекуваните резултати. Таа освен што ги изедначи вработените во текстилната, кожарската и чевларската индустрија со останатите гранки, придонесе за зголемување на просечната плата во овие сектори, но и на просечната плата во Македонија во висина од 5,6 проценти, изјави денеска министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.

Со тоа, рече, постигнато е зголемување на просечната плата во производство на облека за 16 проценти, а во текстилна индустрија над 24 проценти, или раст од 3.870 денари.

Информира дека 90.000 работници добија над 12.000 денари плата. Од нив, само 10 илјади се субвенционирани од државата што покажува дека законот се имплементира без голема апсорпција на буџетски средства. Ова, според неа, укажува дека фирмите се во добра кондиција, и оти мерката не е преуранета.

Директорот на ОКИТЕКС Миле Миленковски, кој заедно со претставникот на Синдикатот при ССМ Душко Радовски имаше средба со министерката во фабриката, рече дека во разговорите се согласиле дека Законот за минимална плата го дал очекуваниот резултат.

Додаде дека е по ова е потребно да се оди напред со модернизација што ќе донесе за поголем извоз на производи во Европа.

Со порастот на минималната плата, но пред се и нејзиното изедначување со во сите гранки, според Радовски, Синдикатот успеал да направи услови работниците од овие три гранки да не бидат од втор ред и да го добијат заслуженото место во Македонија.

Рече дека разговорите треба да продолжат, бидејќи, како што рече, кога има желба и волја да се среќавате и да разговарате за другите проблеми кои ги засегаат и едната и другата страна тогаш може да се дојде до успешни решенија.