Царината ќе ги блокира граѓаните за царински долг

52

Царинската управа на Република Македонија со најавените измени на Законот за банки ќе добие право да изврши блокирање на банкарската сметка на физичкото лице што има царински долг. Директорот на Царинската управа, Ѓоко Танасоски, појасни дека досега постапката се вршела преку УЈП, бидејќи немало законска основа да побараат блокирање на сметката директно во банка.
– Со измените во Законот за банки, Царинската управа не бара увид во трансакциските сметки на физичките лица, туку да постапиме во согласност со својата надлежност. Во согласност со Царинскиот закон, да се изврши присилна наплата од физички лица што имаат долг кон царинската управа – изјави Танасоски.

Тој додаде дека и досега процесирале барања до банките, но оти добивале одговор дека нема законска основа по која може да се изврши блокирање на сметката на физичкото лице.
Според податоците на царината, сега има околу 100 физички лица со царински долг од два милиони денари, за кои би требало да се побара од банките блокирање на трансакциските сметки.
Намалување на глобите за царинските прекршоци и воведување мандатен платен налог се дел од измените на Царинскиот закон што стапија во сила од 11-ти овој месец, а со кои, според директорот, се излегува во пресрет на барањата на бизнис-заедницата.

– Мандатните казни во голем дел се сведоа на намалување, односно од 250 евра се сведе на 50 евра и исто така од 50 евра на 15 евра за физичко лице – изјави Танасоски.
Ова се однесува на лесни прекршоци, каде што влегуваат прекршоци што се од техничка или административна природа, но кои, како што велат од царината, достигнувале високи суми, кои требало да ги плаќаат фирмите.
Кај средните прекршоци, кои се прекршоци со фискален ефект, фирмите сега имаат можност да го оспорат прекршокот и да се жалат до Царинската управа, па до Државната комисија и до Управниот и Вишиот управен суд.

Со ова, според директорот, се намалува просторот на субјективност и корупција.
По основа на глоби и мандатни казни, царината во 2016 година наплатила 1,3 милион евра, а од почетокот на годинава таа сума е 442 илјади евра.
Директорот информира дека царината од почетокот на годината до 31 јули наплатила буџетски приходи при увоз и внатрешен промет 790 милиони евра, при што е забележан пораст од 11,9 проценти во однос на тој период лани. Во однос на планираното е забележан пораст од 4,8 проценти.
Танасоски истакна дека порастот се бележи кај сите категории и по основа на царина, ДДВ при увоз, акцизата, како и кај надоместоците.
Приходите по однос на ДДВ при увоз се зголемени за 12,5 проценти, а од акциза за 11,18 проценти. Е.Р.