Форд купи фирма за изнајмување електрични тротинети

523

Американската компанија за производство на возила „Форд“ ја купи малку познатата, почетничка (старт ап) компанија „Спин“ за изнајмување електрични тротинети за јавна употреба, со цел да го прошири своето присуство во алтернативните начини на градски превоз.

Автомобилската компанија соопшти за купувањето на „Спин“ која на претплатниците во Сан Франциско им изнајмува јавни тротинети кои можат да ги остават каде било, а не само на станиците наменети за тоа.

„Спин“ дејствува во 13 градови и на големи имоти на фабрики и универзитети, овозможувајќи им на претплатниците да позајмат електричен тротинет за еден долар, со дополнителни 15 центи за минута користење.

„Форд“ наведува дека во последните години „драматично се зголеми“ бројот на опции за превоз на луѓе и оти во одредени околности луѓето користат повеќе видови транспорт во текот на едно патување.

„Форд“ веќе има систем за јавна употреба на градски обични и електрични велосипеди со претплата „Ford Go Bike“ во областа на Сан Франциско.