Финансиски олеснувачи ќе им помагаат на фирмите да добијат пари од владините мерки

848

Финансиски олеснувачи ќе им помагаат на компаниите да подготват квалитетен проект со кој ќе може да конкурираат за добивање неповратни средства со повикот што треба да го објави Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) на крајот на месецов, со што почнува примената на мерките од третиот столб на владиниот План за економски раст.

– Во соработка со УСАИД и други организации ФИТР работи на премостување на јазот помеѓу реалните финансики потреби на компаниите и можностите што ги нуди Планот и на она што го проценивме како ризик во однос на тоа колку компаниите можат да подготват квалитетни апликации – изјави Јован Деспотовски, директор на ФИТР, одговарајќи на новинарски прашања на денешната работилница во рамки на Проектот за подобрување на деловниот еко систем, во организација на УСАИД.

Како што потенцираше, Фондот за иновации од пред две недели нуди стручна поддршка за компаниите за претстојниот повик и има интерес. На дневна основа има по десетина обраќања за информациии за владините мерки од фирми од различни области.

– Целта е да се добијат голем број квалитетни апликации и да може да бидат доделени сите предвидени средства од третиот столб, во износ од 10,5 милиони евра – рече Деспотовски.

Управниот одбор на ФИТР веќе ги усвоил правилниците со критериумите за користење на парите за бизнисот и по добивање согласност од Владата, според Деспотовски, од 20 до 25 април треба да биде објавен и повикот.

Како што укажа Мирјана Македонска, директор на Проектот за развој на деловниот еко систем, пред финансиските олеснувачи ќе бидат претставени сите можности што им се нудат на микро, малите и средните претпријатија.

– Мошне често проблемот со кој се соочува стопанството се несоодветните пласмани преку финансиксите институции, а што доведуват до проблеми на самиот бизнис. Мерките кои ги воведува Владата треба да се комплементарни со она што фирмите можат да го искористат преку традиционалните извори на финансирање и затоа е важно финансиските олеснувачи кои работат во рамки на нашиот проект да бидат добро информирани со се што е на располагање за приватниот сектор – изјави Македонска.

Директорот на Канцеларијата за развој на УСАИД во Македонија Едвард Гонзалес, исто така укажа на информацискиот јаз помеѓу она што им е потребно на компаниите како финансиски производ и она што се нуди на пазарот. И кога им се нудат такви можности, наведе, повеќето немаат капацитет и експертиза потребни за успешно идентификување и пристап до нив.

– Со поддршката од финансиските олеснувачи компаниите имаат многу поголема веројатност правилно да ги идентификуваат своите финансиски потреби и да пристапат кон финансирање од традиционалните и нетрадиционални извори – оцени Гонзалес.

Претставници на Фондот за иновации и технолошки развој и на агенциите за вработување и за промоција на претприемништвото на работилницата ги претставија сите можности за финансиска поддршка со заеми, грантови и активни мерки за почнување или развој на бизнис.