„Фени“ се реорганизира

217

Стечајната постапка за „Фени“ е пред самиот крај, останува уште една одлука на судот во Велес, велат претставниците на „Еуроникел“, новите закупци на компанијата. Велешкиот суд ја добил одуката од Апелацискиот суд за стечајот, во која се бараат појаснувања на планот за реорганизација на фабриката по жалбата од „Кунико рисорсис“, во чија сопственост беше „Фени“ до стечајот.

– Апелацискиот суд побара неколку појаснувања во планот за реорганизација, кои ќе се спроведуваат во најкраток рок. Планот за реорганизација на „Фени“ е пример за еден ваков процес и носи позитивни промени, што беше потврдено со одобрување од 98 отсто од доверителите и прифаќање од страна на Одборот на доверители во јуни и јули 2018 година. „ГСОЛ/Еуроникел“ ја потврдува својата посветеност на имплементација на сите појаснувања што се потребни за комплетирање на процесот и да може да започне со реализација на инвестицискиот план, кој вклучува зголемување на производството, стартување на втората печка, создавање можности за нови работни места и обезбедување сигурна и извесна иднина за сите засегнати страни што зависат од работата на „Фени“ – стои во соопштението на компанијата.

Тие посочуваат дека како најголем доверител и инвеститор во „Фени индустри“ остануваат цврсти во намерите да го одржат работниот статус на 800 вработени во компанијата и да го направат „Фени“ водечки производител на фероникел во Европа.
– Најдобрите практики и почитувањето на највисоките меѓународни стандарди се клучните карактеристики на нашите инвестиции и, како и досега, ќе продолжиме да ги следиме насоките што ги бара стечајниот процес. Веруваме дека ова ќе биде направено брзо и ефикасно, за да се заштити работниот век на фабриката и сите заинтересирани страни, меѓу кои клучни се вработените и доставувачите. „Фени“ е на пат повторно да стане најголем извозник во земјата, со највисока додадена вредност, па, оттука, и главен учесник во БДП на земјата – рече Маркос Камис, директор на ГСОЛ.

Минатата година „Еуроникел“ започна соработка за производство на никел, што го рестартира производството. Оттогаш, повеќе од 7.000 тони никел се произведени, повеќе од целото производство во 2017 година, а до крајот на годината „Еуроникел“ очекува да го надмине производство од 10.000 тони, како што беше во 2016 година.
– Извозот продолжува и ангажирани се 200 локални компании што вршат транспорт од пристаништата во Солун иво Албанија, како и повеќе од 1.000 домашни снабдувачи на различни материјали. Со оглед на фактот дека „Фени“ нема свои рудни ресурси, рудата се увезува од меѓународни рудници, со кои располага инвеститорот. Со сето погоре се обезбедени доволно ресурси и технички потенцијал за континуирано производство. Во меѓувреме, платите на вработените, кои вклучуваат бонуси, се во растечки тренд, што го следи зголемувањето на производството – велат од компанијата.
„Еуроникел“ е македонска подружница на ГСОЛ, одговорна за инвестиции и преработка на фероникел во Македонија.