Уште една шанса за компаниите со блокирани сметки

124
Фото: Игор Бансколиев

Бидејќи рокот, со кој на компаниите со блокирани трансакциски сметки им се овозможува да продолжат да работат и да ги плаќаат сметките преку компензација, во неколку наврати се продолжува, познавачите велат дека треба да се донесе решение со кое оваа можност ќе биде отворена до влезот на Македонија во Европска Унија

Компаниите со блокирани трансакциски сметки ќе добијат уште време за намирување на своите обврски преку компензација, асигнација, цесија и преземање долг. Според претходните законски одредби, оваа можност требаше да престане да важни од 1 јануари, но со најавените измени на Законот за платен промет, предвидено е истата таа да продолжи до крајот на годинава.
– Со постојните одредби од Законот за платниот промет е утврдено дека учесниците во платниот промет, кои имаат блокирана сметка, можат меѓусебното намирување на паричните обврски и побарувања преку компензација, асигнација, цесија и преземање долг да го вршат до 31.12.2018 година. Со престанување на можноста за плаќање со пресметка ќе се доведе во прашање натамошното работење на правните лица со блокирани сметки.

Имајќи го предвид горенаведеното, се оцени дека е потребно да се изврши изменување на Законот за платниот промет – стои во предлог-законот за изменување на Законот за платен промет, кој е во собраниска процедура.

Во предлогот е образложено дека целта е на фирмите со финансиски проблеми да им се остави дополнителен период од една година, во кој ќе се консолидираат и ќе продолжат нормално да функционираат. Со измената на Законот ќе се одложи примената на одредбата од членот 25 став 1 со што учесниците во платниот промет што имаат блокирана сметка меѓусебните парични побарувања и обврски ќе можат да ги плаќаат со пресметка до крајот на 2019 година.

Ова не е првпат да се одолжува рокот со кој на компаниите со блокирани трансакциски сметки им се овозможува да продолжат да работат, поради што познавачите на оваа проблематика велат дека треба да биде донесено решение со кое оваа можност ќе биде отворена до влезот на Македонија во Европска Унија.

– Со години се продолжува рокот за компаниите што се со блокирани сметки да можат да вршат плаќање со компензација, асигнација, цесија и преземање долг и сметам дека кога веќе се продолжува толку години треба да донесат едно решение со кое рокот ќе се продолжи до влезот во Европската Унија. Кога веќе се нема сила да се расчисти со долговите, кои главно се на јавни претпријатија кон бизнис-секторот, тогаш нека им остават поголем простор за ваков начин на работа. Можеби некои од нив и навистина ќе успеат некогаш да се одглават – вели Горан Рафајловски, експерт за меѓународно и домашно бизнис-право и даноци.

Рафајловски појаснува дека начелно ваквиот начин на функционирање на одредени компании не е добар. Но, во спротивно, оние што се со блокирани сметки би требало да згаснат целосно, а не да плаќаат преку разни канали, што е штетно за другите компании. Сепак, според него, нема потреба ниту да се одолжува рокот секоја година.

– Кога веќе власта решила да им излезе во пресрет и да им даде една привилегирана позиција да плаќаат со блокирани сметки, тогаш треба да се направи одлуката да важи до влез во ЕУ, а не да се продолжува секоја година. Со поголем временски простор ќе се види дали тие ќе успеат да се консолидираат и дали ќе почнат да функционираат нормално или, пак, целосно ќе се затворат по влез во Унијата, бидејќи таму ваквиот начин на плаќање не е прифатен – објаснува Рафајловски.