Управниот суд ја одби тужбата на Еуростандард банка

187
Фото: Игор Бансколиев

Управниот суд ја отфрли тужбата на Еуростандард банка која се однесуваше на решението на НБРМ донесено од страна на гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска.

Во образложението на одлуката, Управен наведува дека за Еуростандард банка е отворена стечајна постапка и согласно со законите е извршена промена на податоците во Централен регистар, а единствено овластено лице е Душко Тодевски, стечаен управник кој има овластување да ја застапува банката. 

– Од овие причини, Управниот суд ја отфрли тужбата на тужителите поради непостоење на активна легитимација, а согласно членот 203 став 2 од Законот за парнична постапка на чија примена упатува членот 14 став 1 од Законот за управните спорови – се вели во образложението.

Судот го отфрли како беспредметно и барањето за донесување на времена мерка за одложување на решението од Народна банка. НБРМ во август ја одзема дозволата за работа на Еуростандард банка поради неисполнување на минималните услови за работа. Потоа беше отворена стечајна постапка, а Фондот за осигурување на депозити најави дека депозитите ќе бидат обештетени. Дел од оштетените штедачи за утре најавија протест пред Собранието.