Укинување на руската блокада по фитосанитарната истрага во Македонија

120

Русија ќе ја укине времената забрана за извоз на коскесто овошје од Македонија откако ќе добие извештај за спроведена истрага и преземени фитосанитарни мерки. Извештајот треба да го изготват надлежните органи од земјава и мора да биде прифатен од надлежните органи на Руската Федерација.

Фитосанитарната управа на Македонија веќе изготвува упатство за деконтаминација на магацините и насадите со коскесто овошје од страна на производителите и дистрибутерите во случај да се утврди присуство на габата „монилиниа фруктикола“.

Тим од македонското Министерство за земјоделство денеска во амбасадата на Руската Федерација имаше средба со заменик-амбасадорот Константин Берсенев. Како што беше речено на средбата, Како што соопшти МЗШВ, двете страни се согласни да се најде решение за времената забрана за извоз.

Договорено е идниот месец да се одржи состанок на техничко ниво меѓу претставници на надлежните органи од двете земји за да се разговора за актуелната состојба, но и за другите прашања за кои Македонија и Русија имаат потпишано Протокол, како и за тоа, во иднина да се превенираат вакви состојби.

– Претставниците на македонската страна ги истакнаа преземените мерки од страна на надлежните органи изминатата недела, меѓу кои: контрола на примарните складови и откупните пунктови, како и засилена фитосанитарна инспекција во регионот на Кавадарци и Неготино, земање сомнителни примероци со цел идентификација на распространетоста на штетниот организам на територијата на Македонија, информира Министерството.

На состанокот е презентирано и изготвеното Упатство за управување со „монилиниа фруктикола“ кое ќе биде споделено на фитосанитарните инспектори и земјоделските производители.