Укинатиот паушал сѐ уште им создава главоболки на исклучените

1057
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Ниту еден граѓанин што живее во сопствен стан и што бил исклучен од системот за централно греење пред 31 март 2019 година нема да плаќа трошок за испорака на топлинска енергија од системот за централно греење, почнувајќи од сметките за април, истакнуваат од Регулаторната комисија за енергетика

Паушалот за топлинска енергија, кој според новите правила треба да се укине, сѐ уште им создава главоболки на многу граѓани. Како што е познато, граѓаните што живеат во колективен објект приклучен на системот за испорака на топлинска енергија, а кои се исклучени од системот, треба со имотен лист, лична карта и пополнет формулар да се пријават во компанијата за таа да престане да им испраќа сметки за надоместок. Овој начин на докажување на сопственоста и местото на живеење за граѓани што се под кирија или што не се сопственици на становите во кои живеат е проблематичен.

– Скоро е невозможно да не плаќаш паушал. Иако живеам во станот и никогаш не сум бил вклучен на парно, но според лична карта сум регистриран на друга адреса, наместо да престане обврската за паушал, треба повторно да плаќам. Друга опција е да соберам потписи од 51 процент од сопствениците на становите во зградата, па да ангажирам инженер, кој ќе изработи елаборат дека се греам поефикасно, па елаборатот да го поднесам до БЕГ и можеби ако така одлучат нема да плаќам фиксен надоместок. Или пократко кажано, научна фантастика. Нема начин предвиден со измените со кој ќе докажеме дека живееме во станот за да не плаќаме паушал. Според мене, најлогично е ако не си корисник на парно греење, да не плаќаш паушал – вели Мартин, кој живее во скопската населба Карпош.

Од друштвото „Балкан енерџи груп“, кое врши снабдување со топлинска енергија, во согласност со лиценцата издадена од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија, истакнуваат дека нивните активности се во согласност со важечките законски и подзаконски акти.

– Во согласност со правилата за снабдување, од 1 април 2019 исклучените потрошувачи за да го остварат правото и да добијат статус на исклучен потрошувач без обврска да плаќа месечен надоместок за ангажирана топлинска моќност, треба да пополнат формулар изработен од снабдувачот и одобрен од РКЕ и да ги приложат предвидените валидни документи, копија од имотен лист не постар од 30 дена и лична карта на увид – велат од БЕГ. Појаснуваат дека барањата од исклучените потрошувачи поднесени по 31.5.2019 ќе бидат земени предвид за одобрување на статус на исклучен потрошувач без обврска за плаќање надоместок за следната грејна сезона (2019/2020). Додаваат дека, според новите правила, сопственикот што не живее или не го користи станот има обврска да го плаќа надоместокот за ангажирана топлинска моќност.

Претставниците на Регулаторната комисија за енергетика појаснуваат дека во согласност со новите правила за снабдување со топлинска енергија се разликуваат две категории сопственици на станови што се исклучени од системот за централно греење. Истакнуваат дека сопственик на стан, кој во согласност со адресата од личната карта живее во станот што го поседува е ослободен од плаќање на фиксен месечен надоместок, додека сопственик на стан, кој во согласност со адресата од личната карта не живее во станот што го поседува не е ослободен од плаќање месечен надоместок.

– Компанијата нема податоци за сопственоста на становите што се исклучени од системот за централно греење и затоа е потребно да се достават имотните листови. Ниту еден граѓанин што живее во стан во своја сопственост, кој бил исклучен од системот за централно греење пред 31 март 2019 година нема да плаќа трошок за испорака на топлинска енергија од системот за централно греење почнувајќи од сметките за месец април – појаснуваат од РКЕ.

Според нив, обврската за плаќање на фиксен надоместок за централно греење ќе продолжи единствено за граѓаните што се исклучени од системот за централно греење и нивните станови се празни.

– Празните станови ќе плаќаат фиксен месечен надоместок затоа што тие прават најголем проблем во загубите на топлинска енергија од околните станови што се загреваат преку системот за централно греење. Становите што се издаваат на кираџии и што се исклучени од системот за централно греење пред 31 март 2019 година треба да достават валиден договор за издавање на станот, заедно со стандардното барање, имотниот лист за станот и личната карта на увид. Статусот на овој тип станови во однос на плаќањето на фиксниот месечен надоместок ќе биде предмет на понатамошна анализа од РКЕ – појаснуваат надлежните.

Претставникот на здружението за заштита на граѓанските права „Но пасаран“, Марјан Ненов, појаснува дека во следниов период е договорена нова средба со регулаторите на која ќе се разгледуваат токму случаи со граѓани што живеат во становите, но во нивните лични документи имаат друга адреса.

– За да се најде решение за граѓани што живеат тука, но не се водат во документи на истата адреса или, пак, за граѓани што се под кирија, ќе се бара ново решение. Сегашното решение е за да се докаже кои станови се празни, за да нема загуби во испорачаната енергија и да не плаќаат дополнително корисниците на топлинска енергија, бидејќи доколку еден стан во зграда не се грее се јавува дисбаланс и тоа ќе се одрази на корисниците – појаснува Ненов.

Тој истакна дека за станари што живеат во некој стан и се греат во текот на зимските месеци, без оглед на статусот, ќе се најде решение во соработка со регулаторот.
– Ги советуваме граѓаните што живеат во стан што не е нивни да се обратат кај регулаторот, бидејќи сегашните членови повеќе соработуваат со нас и со граѓаните и сигурно ќе се најде решение. Во согласност со правилникот нема рок за пријавување за граѓаните што се исклучени од парно и што треба да се ослободат од паушалот, туку истиот тој го наметнува компанијата. Граѓаните што нема да успеат да ги остварат своите права поради наметнатиот рок да се обратат во регулаторната комисија или кај нас во „Но пасаран“, бидејќи по новиот правилник се ослободени од паушалот и рокови не треба да има – појаснува Ненов.


Со користење парно до почист воздух во Скопје

Изминативе денови до жителите на градот Скопје пристигнуваат писма со кои сопствениците на станови се известуваат дека можат да се приклучат на системот за топлинска енергија бесплатно.
– За да им овозможиме на поголем број потрошувачи да ги користат придобивките на централното греење, обезбедувамe бесплатно приклучување за исклучените потрошувачи, кои ќе се одлучат да се приклучат на системот за централно греење до 30 јуни 2019 година. За да ја искористат можноста за бесплатно приклучување, заинтересираните треба да поднесат писмено барање во наплатните центри на снабдување со топлина „Балкан енерџи“. Користењето на топлинска енергија од централното греење е финансиски поисплатливо од другите енергенти. Заинтересираните можат лично да се уверат во исплатливоста преку калкулаторот за потрoшувачка на топлинска енергија, поставен на интернет, кој овозможува секој потрошувач да направи пресметка и споредба на трошоците за греење на иста загревна површина при користење различни начини за греење – стои во соопштението на БЕГ.
Меѓу другото во соопштението е наведено дека со приклучување на системот за централно греење корисниците ќе добијат рамномерно загревање во сите простории од 6 до 22 часот и истовремено придонесуваат кон намалување на загадувањето на воздухот во Скопје, бидејќи како енергент се користи природниот гас. Зголемениот број потрошувачи на системот за централно греење ќе придонесе за почист воздух во Скопје.


Нема поскапување на парното за корисниците

Претставниците на Регулаторна комисија за енергетика истакнуваат дека нема да има поскапување на греењето преку централниот систем за греење поради неплаќањето на фиксниот месечен надоместок од исклучените од системот.
– Дејноста на БЕГ е строго регулирана и цените на услугите ги утврдува Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги – истакнуваат од БЕГ.

petranka.o@novamakedonija.com.mk