Угледниот магазин „Економист“ и на македонски јазик

245
Фото: Маја Јаневска-Илиева

„Економската експанзија најчесто се убива со раст на каматните стапки или со финансиски падови – изненадувања што предизвикуваат пад на економската побарувачка за стока и услуги. Поретка е рецесијата на снабдувачката страна во која економиите се лишуваат од продуктивен капацитет. Уште од шоковите на цените на нафтата во 1970-тите не постоел глобален пад што примарно влиjае на набавките“. Ова е воведниот пасус од текстот „Снабдени и невооружени“ на економскиот уредник на магазинот „Економист“, Хенри Кар, во кој авторот нуди свое предвидување за тоа дали и како „светската економија би можела да се најде пред необичен пад“. Кар појаснува дека историјата нуди малку упатства за тоа како изгледа рецесијата среде трговската војна.

Текстот на Кар е само мал сегмент од многубројните анализи објавени во најновото издание на светски познатиот магазин „Економист“, кое од неодамна се издава и на македонски јазик. Магазинот, кој се објавува еднаш годишно, веќе може да се најде низ продажните места во Македонија и во него се застапени истите содржини како и во другите 33 земји во кои се публикува.
„Мачна политика“, „Англосферата против синосферата“, „Контрола на оружјето“, „Светска економија“, „Корпоративна реалполитика“… и многу други наслови се дел од најновите анализи за светските и економските текови.

Покрај текстовите од светското издание на магазинот, во домашното се вклучени дополнително и интервјуа со етаблирани имиња од домашната економија, како што се гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, сопственикот на градежната компанија „Адора“, Ванчо Чифлиганец, и уште многу други.

– Претставува вистинска гордост што ја добивме лиценцата за издавање на магазинот на македонски јазик. Тој веќе е во продажба по цена од 180 денари, колку што се продава и на светско ниво, и во него ги има истите содржини како на светско ниво. Се надеваме дека од следната година ќе имаме можност и да ве поканиме на конференција, бидејќи со лиценцата за издавање на „Економист“ на македонски имаме право да организираме конференции со нивниот бренд и под наслов „Економист – Светот во 2020“ – истакна Александар Наков, косопственик и проект-менаџер на компанијата „Колор медиа плус“. Промоцијата на магазинот се одржа во британската резиденција, а британската амбасадорка Рејчел Галовеј ја искористи пригодата да нагласи дека нашата билатерална врска ќе продолжи да се развива и Обединетото Кралство и понатаму ќе ѝ биде близок и важен партнер на државата.