Три милиони невработени во ЕУ најдоа работа во вториот квартал на 2019 година

54

Помеѓу првото и второто тримесечје од 2019 година, три милиони луѓе, или 20,4 отсто од сите невработени во првиот квартал на 2019 година, пронашле работа. Во истиот период, 8,3 милиони граѓани, или 57 проценти, останаа невработени, а дополнителни 3,3 милиони, или 22,6 отсто, станаа економски неактивни. Ова се последните податоци на „Евростат“ за состојбите на пазарот на трудот во Европската Унија. Бројките се добиени врз основа на сезонски приспособени податоци и не ја опфаќаат Германија.

Од сите граѓани што првично биле вработени во првиот квартал на 2019 година, 2,3 милиони или 1,2 отсто станале невработени во вториот квартал на 2019 година, додека, пак, 4 милиони или 2,1 проценти преминале во категоријата економски неактивни.

Од оние што првично биле вклучени во категоријата економски неактивни во првиот квартал на 2019 година, 3,7 милиони или 3,2 отсто се преместиле во категорија вработени во вториот квартал на 2019 година, а понатаму 3,7 милиони или 3,2 проценти преминале во невработени.

Графиконот дава преглед на трансферите и ги покажува промените во статусот на пазарот на трудот. Во графиконот, бројките за вработување, невработеност и неактивност се однесуваат на бројот на лицата што остануваат во секој статус помеѓу кварталите.