Третина од домаќинствата имаат проблем со навремено плаќање на режиските трошоци

36

Во просек, една третина од домаќинствата во регионот имаат проблем со навремено намирување на режиските трошоци во последните 12 месеци, покажува годишното истражување на Евростат за приходите и условите за живеење во Европа
Според податоците на Евростат за 2018 година, околу 36,9 проценти од домаќинствата во Македонија имале проблеми со навремено плаќање режиски трошоци во изминатите 12 месеци. На слично ниво со нас се и соседна Грција, каде што дури 35,6 отсто од граѓаните не можеле да ги платат навреме сметките, и Бугарија, каде што овој процент изнесува 30,1 отсто.

На ниво на ЕУ во 2018 година речиси седум проценти од домаќинствата имале проблем навремено да ги намират режиските трошоци (сметки за греење, струја, гас, вода и друго) поради финансиски проблеми. Сепак, истражувањето на Евростат покажува тренд на намалување и пад на овој процент од 2013 година, кога изнесувал околу десет отсто. Овој проблем е поизразен меѓу домаќинствата со дете и еден родител. На ниво на ЕУ, околу 14 проценти од домаќинствата со еден возрасен член и најмалку едно дете се соочиле со проблеми за навремено намирување на режиските трошоци.
Најмалку домаќинства во ЕУ, по околу два отсто, не можеле навремено да ги намират режиските трошоци во Холандија, Чешка, Шведска и во Австрија.