Фото: Маја Јаневска-Илиева

Огромниот дисбаланс помеѓу увозот и извозот што со години резултира со трговски дефицит, од близу две милијарди евра, штетно се одразува врз домашната економија, но истовремено негативно влијае и на нашите аспирации за ЕУ и за НАТО, како наша стратегиска определба

АНАЛИЗА: КАКО ДО ПОВИСОК РАСТ НА ЕКОНОМИЈАТА (2)

Македонија во последните години ја карактеризира бавна развојна динамика со просечна стапка на раст од 2 отсто, што на некој начин укажува на лоши економски резултати, а уште повеќе, на нецелесообразни економски политики. Таквите политики се суштинска причина за бавнорастечкиот, па и стагнирачки БДП, како и одговор на прашањето на граѓаните „зошто земјата не го достигнува животниот стандард на граѓаните во развиените земји“. Анализите на бизнис-заедница, поткрепени и со научноистражувачки податоци и параметри, покажуваат дека одржлив развој и висок стандард не може да имаме со низок БДП, висок трговски дефицит и со голема зависност од увозот. Нашата економија, покрај нискиот раст, ја карактеризира и редовно висок дефицит и поголем увоз отколку извоз, и овие состојби се провлекуваат со години. Вообичаено е државата да ги планира буџетот и расходната страна на буџетот над приходите, и континуирано да го продлабочува долгот на државата. Неопходни се стратегиски промени во економските политики со поттикнување на извозот и тоа на производи со висока додадена вредност, кои ќе донесат поголеми приходи, тенденција на динамичен раст, вклучувајќи го и буџетот на државата. Тоа апсолутно значи и радикални измени на индустриските политики, секако, поддржани од радикалните измени во монетарната и во фискалната политика.

Во таа насока и претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, повикува на реиндустријализација на државата за поголема извозна ориентираност и поголем прилив на средства во државата.

– Реиндустријализацијата мора да биде поставена како приоритет на развојната политика на државата. Во наредниот период земјата мора да се насочи кон развојот на реалната економија, да се врати на моделот на индустриско стопанство, со пристап што подразбира динамичен раст на инвестициите, раст на обемот на индустриското производство и на продуктивноста, но и да се одговори на предизвиците на модерното време за роботизација, дигитализација и за компјутеризација. Само економија што има индустриска и извозна структура примарно базирана на производи, кои се карактеризираат со поголема комплексност и ниво на софистицираност, има капацитет да генерира високи стапки на раст – смета Азески.

Анализата на извозните перформанси на македонската економија, покажува катастрофални индикатори. Прво, дека процентот на покриеност на увозот со извоз долги години е на ниво од 70 отсто! Второ, дека овој однос останува непроменет сиве овие години, а имено во полза на увозот, што значи дека нашите досегашни економски политики не даваат никаков резултат и дека не се презема ништо целисходно во насока на намалување на исклучително високиот и негативен трговски дефицит. Во анализата на Стопанската комора на Македонија и на професори на економскиот факултет од Штип, покрај гореспоменатото, се детектира уште една негативност на извозот, а тоа е показателот за нашата најниска извозна диверзифицираност во регионов.

Република Македонија како мала отворена економија има само една развојна алтернатива што се однесува на преструктурирање на економијата и на зголемување на извозната конкурентност. Во таа насока, потребни се економски политики што ќе го поттикнат процесот на модерна реиндустријализација, како зголемување на учеството на преработувачката индустрија во БДП преку пренасочување на ресурсите кон индустриски гранки што имаат поголема додадена вредност и повисоко ниво на продуктивност. На овој начин ќе се забрза процесот на извозна диверзификација со зголемување на бројот на извозни производи, кои имаат повисок степен на финализација во рамките на глобалните синџири на снабдување

– Со анализата за извозните перформанси на македонската економија, која ја правевме заедно со Стопанската комора на Македонија, се покажа дека земјата во 2017 година реализирала извоз на вкупно 447 производи со компаративна предност или вкупно 616 производи биле извезени со вредност поголема од 200 илјади евра, што по Црна Гора и по Албанија е најниска извозна диверзифицираност во регионот на централноисточна Европа – вели професорот Дарко Лазов од Економскиот факултет при универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип.

Лазов нагласува уште еден несреќен факт како показател во врска со извозно ориентираните субјекти во државава. Имено, од вкупно 7 илјади регистрирани деловни субјекти во преработувачката индустрија, само 3 илјади се извозно ориентирани и имаат извозни активности, нагласувајќи притоа дека многу малку од нив се стабилни извозни компании. За несреќата да биде поголема, и извозно ориентираните компании својот извоз го ограничуваат на мал број земји, така што нивниот извоз го прават исклучително кревок.

– Ако ја погледнеме крајната дестинација на македонскиот извоз ќе заклучиме дека најголем дел од него е лоциран во мал број на земји од ЕУ што дополнително ги прави македонскиот извоз и економијата ранливи и сензитивни на какви било неповолни трендови во тие земји. Ова се покажа и во практика при светската економска криза, која ги фати и развиените европски земји, кога македонскиот извоз забележа рекорден пад од речиси 30 проценти во 2008 година – споменува Лазов.

Тој истакна дека дури 85 отсто од македонскиот извоз е концентриран во само 10 земји, додека земјата реализирала извоз во вредност поголема од 200 илјади евра во помалку од 80 земји. Ваквата географска концентрација на македонскиот извоз, според него, создава дополнителни пречки во понатамошните извозни напори на земјата во контекст на недоволно проучени и развиени моќности на други светски пазари и недостиг од трговски мрежи и соработки, кои можат да бидат ставени во функција за понатамошна пазарна пенетрација и извозна диверзификација.

Анализите покажуваат дека повеќето од производите што земјата денес ги извезува со компаративна предност се текстилни производи и облека – 142 производа, производи од базична метална индустрија – 77 производи и примарно земјоделски производи, кои се карактеризираат со релативно пониска додадена вредноста и со ниско ниво на продуктивност.

Стопанската комора на Македонија најави дека во наредниот период ќе ги идентификува развојните можности за преструктурирање на целата економија за утврдување на стратегиски индустриски сектори, потсектори и производи за кои има реални економски претпоставки да гради компаративни предности во иднина. Истражувањето ќе им овозможи на компаниите листа на производи во одделни гранки, за кои има потенцијали за производство и извоз и за производи со поголема додадена вредност и степен на финализација, споредено со оние што веќе ги извезува.


Трговскиот дефицит за првите девет месеци годинава достигнал 1,2 милијарда евра

Неколку години трговскиот дефицит на Република Македонија се движи околу 2 милијарди евра. Изминативе три години, 2017, 2016 и 2015, дефицитот беше 1,7 милијарда евра, во 2014 година 2,3 милијарди евра, а слично ниво држеше и годините претходно.
Како за пример, годинава во период од јануари до септември, трговскиот дефицит во Македонија достигна 1,2 милијарда евра, покажуваат последните податоци на Државниот завод за статистика. Вредноста на извозот во споменатиот период изнесувал над 4 милијарди евра, додека, пак, увозот изнесувал 5,5 милијарди евра. Во споредба со истиот период за минатата година, и увозот пораснал за 11,2 отсто, а и извозот пораснал за 14,7 отсто. Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари-септември 2018 година, изнесува неверојатни 76,7 проценти.
Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на спроводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта и моторните возила за превоз на 10 или повеќе лица.
Во увозот, пак, најзастапени се платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали, плоснато-валаните производи од железо или нелегиран челик, неплатинирани или необложени и другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав.
Меѓу земјите со кои Република Македонија најмногу тргувала се: Германија, Грција, Велика Британија, Србија и Бугарија.


Бизнисот и науката во тандем – пет пакет мерки за раст на извозот

За остварување на растот на македонската економија, Стопанската комора на Македонија понуди предлог-политики содржани во неколку клучни пакети мерки.
– Првиот пакет мерки треба да бидат насочени кон обезбедување финансиска поддршка за инвестиции на извозно ориентирани домашни компании во рамките на претходните адресирани стратегиски индустриски сектори. Тие инвестиции треба да овозможат трансфер на нова технологија, креирање нови бизниси и организациски модели.
– Вториот пакет мерки се однесува на подобрување на кадровските и менаџерските способности на извозно ориентираните домашни компании. Во таа насока, предлозите се однесуваат на креирање современи програми за подобрување на менаџерските способности преку обуки на менаџерите.
– Третиот пакет мерки е редефинирање на програмата за привлекување на странските директни инвестиции, во која фокусот ќе биде ставен на привлекување само на оние странски компании во рамките на претходно адресираните стратегиски сектори.
– Следниот пакет мерки е насочен кон градење инфраструктура за индустријата, поради фактот што глобалните трендови се немилосрдни и потребата од што побрзо соочување со тие глобални предизвици е неопходна, доколку не сакаме да се продлабочи јазот во технолошкиот развој на земјата.
– Последните мерки се однесуваат на зајакнување на институционалните капацитети на државата и подобрување на бизнис-регулативата. Основен предуслов за успешно водење бизнис се силни институционални капацитети, професионална јавна администрација и бизнис-регулатива, која ќе биде пријателска кон приватниот сектор и без бирократски бариери и селективно постапување.

Економска рубрика на „Нова Македонија“
(продолжува)