Тевдовски: Фокусот ќе го ставиме на намалување на невработеноста и сивата економија

319

Реформи во насока на намалување на невработеноста кај младите, подобро поврзување на домашните компании во меѓународните синџири на вредности и намалување на сивата економија, беа дискутирани на панелот на Конференцијата од високо ниво за почеток на подготовката на Програмата за економски реформи 2020-2022, која е дел од дијалогот на земјите од Западен Балкан и Турција со Европската унија.

-Преку дискусија и дијалог со Европската комисија, утврдени се областите на кои ќе го ставиме фокусот во наредната Програма, а тоа се: намалување на невработеноста кај младите, вмрежување на домашните компании во глобалните синџири на вредности и намалување на сивата економија. За прв пат веќе е донесена Стратегија за формализација на неформалната економија, и веќе имаме спроведено активности предвидени со Акцискиот план 2018-2020. Преку младинската гаранција се дејствува на намалување на невработеноста кај младите- истакна министерот за финансии, Драган Тевдовски.

На конференцијата се обратија и гувернерката на Народната банка и министрите кои се надлежни за секторите во кои се спроведуваат реформите од Програмата.

Во своето излагање на конференциската панел-дискусија, гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска се осврна на дел од заклучоците и оцените од Програмата за економски реформи, коишто се во директна или индиректна надлежност на централната банка.

-Проблемот со нефункционалните кредити кај нас е многу помалку изразен отколку во другите земји од регионот- истакна гувернерката, посочувајќи дека е неопходно и натаму да се продолжи со активностите за намалување на нивниот обем, поради што кон крајот на минатата година беше усвоена и посебна стратегија којашто се однесува на ваквите пласмани.

Во дискусијата, таа меѓу другото посочи дека кај нас, евроизацијата постојано се намалува и дека е најниска на регионално ниво, но дека и натаму треба да се дејствува во оваа сфера.

-Очекувам дека дополнителните насоки и мерки дефинирани во Стратегијата за денаризација ќе придонесат за натамошно зголемување на употребата на домашната валута-порача Ангеловска-Бежоска, по што се осврна и на растот на потрошувачките кредити.

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски се осврна на воведувањето на регистар на парафискални давачки на централно и локално ниво. Тој посочи дека Регистарот на парафискални давачки на централно и локално ниво е интегриран во Каталогот на услуги на којшто во моментов работи МИОА.

-За првпат покрај тоа што ќе ги имаме сите услуги што ги нудат институциите во Северна Македонија, ќе имаме и интегрирана дата база на сите давачки коишто ги плаќаат граѓаните и бизнисите при добивање на услугите. Регистарот во себе содржи информации за надоместоците за услугите и административни такси. Каталогот содржи групи на податоци, односно основни информации, легислатива, услови и докази, образци, и парафискални давачки- рече Манчевски.

Министерот за образование Арбер Адеми се осврна на реформите кои треба да се преземат кај наставните кадри. Тој посочи дека инвестициите во континуирана обука на наставниот кадар се база за квалитетно образование. Од друга страна потребно е подобрување на образовните програми, како и целосна реформа во програмата на педагошките факултети. Тој посочи дека е потребно да се примени систем на напредок во кариера кај наставниците со цел валоризација на нивната работа.

Заменик министерот за труд и социјална политика Ѓонул Бајрактар во однос на младинската гаранција истакна дека во наредниот период интенција е гаранцијата да се имплементира на територија на цела држава со посебен акцент на најранливите региони на младите од Североисточен, Полошки и Југозападен регион.

За таа цел, и врз основа на досегашното искуство од имплементација на пилот фазата на Гаранција за млади, истакна дека Министерството за труд и социјална политика, во соработка со надлежните институции и Меѓународната организација на трудот ќе изработи нов план за Гаранција за млади за периодот 2020-2022 година.