Тевдовски: Постои простор за корекција на минималната плата

166

Политиката на зголемување на платите е приоритет и нешто за што се бориме. Платите продолжуваат да растат и треба да се направат дискусии со работодавците, бидејќи постои простор за дополнителни зголемувања на минималната плата, вели министерот за финансии Драган Тевдовски во интервју за Радио Слободна Европа.

– Клучно е дека ни се случува широкобазиран пораст, тоа значи дека се јавува во повеќе сектори и тоа е многу различно од тоа што се случуваше во изминатиот период, под претходната влада, кога порастот беше поради државната интервенција. Сега приватниот сектор го влече и тоа во повеќе сектори. На пример, расте преработувачката индустрија, растат услугите, трговијата, градежниот сектор, еве гледаме дека во четвртиот квартал порастот е некаде 19 проценти, потоа потрошувачката на домаќинствата исто така има пораст на годишно ниво во 2018-та од три проценти.

Порастот на потрошувачката на домаќинствата е поради поголемиот број вработени, но и поради порастот на платите, пораст што во 2018 е највисок во споредба со претходните девет години, некаде е околу 5,9 проценти – вели Тевдовски.

Тој посочува и на друг параметар, приливот на странски инвестиции, кои изнесуваат 624,5 милиони евра и се речиси трипати повисоки во однос на просечното ниво од претходните осум години.

– За мене еден од најважните показатели за тоа дека економијата се движи во правилна насока е намалувањето на невработеноста, која, ако некаде на крајот на 2016 година стапката изнесуваше 23,1 проценти, првпат сега се спушти под 20 проценти. Еве, последниот податок е дека изнесува 19,4 проценти, и тоа е добро, бидејќи од една страна тоа значи дека има повеќе можности за вработување, на пример вработеноста е зголемена за околу 20 илјади лица, тоа е едниот голем сегмент.

Вториот е порастот на платите, кој направи платите на луѓето што живеат од својот труд да растат, а со тоа да расте и нивниот животен стандард – појаснува министерот за финансии и нагласува дека политиката на зголемување на платите е приоритет за сегашната влада.