Тевдовски: ЕУ вложува во проекти за подобрување на услугите во општините

47

Општините треба да вложуваат за граѓаните да добиваат подобри услуги и да спроведуваат проекти за чие финансирање, кое покрај тоа е што е обврска на општината, има можности и од надворешни извори или да се помогне со средства од буџетот.

Ова го истакна министерот за финансии Драган Тевдовски при денешната посета на општина Кисела Вода каде се сретна со градоначалникот Филип Темелковски и ќе се оствари средба со стопанственици кои работат на територијата на оваа општина.

– За нас како Министерство за финансии е многу важно дека има голема поддршка на изградба на тоа што им треба на граѓаните во општините. Тука се вложува во атмосферска канализација, во реконструкција на пат, но ЕУ вложува и во изградба на автопати, во училишта, во пречистителни станици – изјави Тевдовски посочувајќи дека добиваме значајна поддршка од ЕУ за подобрување на инфраструктурата.

Во општината во моментов, како што посочија и министерот и градоначалникот, се реализира проект преку ИПА фондовите практично за рехабилитација на пат во село Драчево, но дека е потпишан и договор за финансирање атмосферска канализација преку МСИП преку Светската банка.

Меѓу планираните проекти за кои, како што рече министерот, може да се разгледуваат можности и за надворешни извори или да се помогне со средства од буџетот, се изградба на две градинки и училиште.

Градоначалникот Филип Темелковски ја оцени соработката на локалната и централната власт како одлична посочувајќи на проектите што ги работат заедно.

– Се надеваме во иднина ќе продолжи соработката и навремено ќе се координираме за буџетот за 2019 и 2020 година што беше тема на денешната средба-посочи Темелковски.

Тевдовски и Темелковски по средбата во општината, заминаа на состанок со бизнис заедницата што функционира на оваа територија,  за да ги слушнат нивните барања и да се најде заедничко решение на сите проблеми.