Тевдовски: Годинава стартува Регистарот на вистински сопственици на фирми

113

Годинава ќе стартува регистарот на вистински сопственици со кој ќе се евидентираат физичките лица, сопственици на правни субјекти кои ги поседуваат или контролираат  фирмите, истакна министерот за финансии Драган Тевдовски при денешната работна посета на Управата за финансиско разузнавање.

Оваа новина, како што соопштуваат од Министерството за финансии, е дел од новиот донесен Закон за спречување перење пари и финансирање на тероризам, што е согласно европската регулатива.

Оваа и други мерки, како што појаснил министерот, се во насока на зајакнување на капацитетите на институциите и борбата против корупцијата преку зајакнување на транспарентноста.

-Регистарот на Вистински сопственици треба да претставува систем што има за цел да ги направи транспарентни сложените сопственички структури и правни аранжмани, односно да го разоткрие „скриеното“ сопствеништво. Имено истиот треба да го бележи сопственикот, односно сопствениците на правното лице или оние кои имаат реална или друг вид на контрола врз истото, посочил министерот за финансии.

Министерството за финансии, како што истакнал Тевдовски, пропишало Правилник за регистрација во Регистарот во кој е регулиран начинот на внесување, пријавување на вистински сопственици, изразување на уделот на сопствеништво, технички барања и начинот на одржување и администрирање.

Според директорот на Управата за финансиско разузнавање Блажо Трендафилов, Македонија има значаен напредок во борбата против перењето на пари и спречување тероризам. Ова, како што додава тој, го потврдува и реномираниот „Базелски институт“ во својот извештај за 2018 година.

– Македонија е една од земјите која од 2018 година може да се пофали дека се наоѓа во листата на 10 земји во светот со низок ризик од перење пари и финансирање на тероризам, меѓу земји како Финска и Шведска. Република Македонија има напредок од преку 15 места на ранг листата на нискоризични држави во поглед на перењето пари и финансирањето на тероризам. За илустрација во извештајот за 2016 година Македонија била на листата на т.н. топ 10 „најголеми губитници“ со зголемувањето на степенот на ризик, нагласиле Трендафилов.