Тевдовски: Во 2018 година ќе ги оствариме проекциите за раст

101

Во 2018 година ќе ја оствариме нашата проекција за раст и Македонија ќе влезе во зона на раст што сите го очекуваме.

Ова денеска го рече министерот за финансии Драган Тевдовски во Собранието каде на седница на Комисијата за финансирање и буџет се расправаше по Предлог-завршната сметка на Буџетот на Република Македонија за 2017 година со конечен извештај за извршена ревизија на усогласеност за 2017 година на основиот буџет.

Предлог завршната сметка доби поддршка од Комисијата, пред пратениците на седница на Собранието е утре.

– Во првата половина од 2017 година имавме негативна стапка на раст на БДП, па во втората поминавме во позитива зона. Секако после многу години, една декада, расипничко трошење тешко е преку ноќ да дојдете до раст. Апсолутно мислиме дека во 2018 година ќе ги оствариме нашите проекции за раст и дека Македонија ќе влезе во зона на раст што сите го очекуваме – истакна Тевдовски.

Тој додаде дека во 2017 година е стабилизирана финансиската состојба и оти се создадени услови за раст во наредните години.

– Имаме цврста определба да ги направиме нештата што ќе носат добро во економијата, она што не го правеше претходната власт – рече Тевдовски.

Тој посочи дека ВМРО-ДПМНЕ остави огромни долгови. Јавниот долг, како што рече, номинално е зголемен три пати од една милијарда на 4,8 милијарди евра, односно од 23 проценти од БДП на 49 проценти. Ова е сериозно задолжување за неефикасни и непродуктивни проекти.

Пратениците од опозицијата забележаа дека политиките на оваа власт не се добри што покажуваат и бројките на раст на економијата што минатата година изнесуваа нула процент, а во првата половина од оваа година 0,1 процент.

Лилјана Кузмановска од ВМРО-ДПМНЕ посочи дека 2017 година е завршена со нула проценти стапка на раст на БДП, но дека и во 2018 година не е направено ништо подобро со остварен е раст од 0,1 процент.

Според неа сите податоци укажуваат дека власта не води здрава економска политика.

– Помина една година и освен оние политики на надворешен план, во економијата нема ништо направено – рече Кузмановска додавајќи дека не е реализиран ниту еден проект од оние што се ветени од власта за првите шест месеци.

Нејзиниот сопартиец Зоран Илиоски праша како претходната влада оставила катастрофа кога се бележеше раст на економијата, а сегашната власт успеа во 2017 година да има стапка на раст нула.

– Основен параметар на една економија е растот на БДП и тој во 2017 година беше нула. Ајде се правдате дека не знаевте што наследивте. Што се случува оваа година. Продолживте со ист начин на работа и стапката на раст во првиот квартал е 0,1 процент – рече Илиоски.

Тој порача на министерот дека е тој прв човек по премиерот кој треба да донесе подобар живот и оти овие стапки на раст треба да го загрижуваат и да тука да се поработи.

За пратеникот Горан Милевски од ЛПМ остварените стапки на раст во времето на ВМРО-ДПМНЕ биле нереални, кои се темелат на задолжување и медиумска манипулација.

-Тој раст, од 2,3 од 2,5 проценти, бил вештачки и со кредити и со пари кои идните генерации и сите ние треба да ги враќаме. Еден проект се сопира заради неговата нерационалност во изведбата, затоа што луѓето се на суд, заради провизиите, сега економијата е нула. Со еден проект. Значи немало производство, индустрија која влече. Вештачки бил и тој процент што го покревале и кога се смени власта излезе на виделина цел тој балон што сте го дувале во јавноста дека сте успешни. И кога пукна и кога само два проекта во инфраструктурата се запреа поради ревизија, економијата стагнира на нула – рече Милевски.

Тој додаде дека не е возможно владата да се промени и веднаш економијата да пропадне за неколку месеци. Според него тоа укажува дека вештачки се одржувала, и оти сега, како што рече, јавноста виде, односно се виде реалноста во каква економија и каква држава сме живееле.

Мира Стојчевска од СДСМ укажа на одговорниот пристап на власта наведувајќи при тоа дека јавниот долг е намален на 46,7 проценти од 48,5 проценти во 2016 година, дека во 2017 година се исплатени само по основ на камати 133,6 милиони евра, дека во втората половина од минатата година се реализирани инвестиции од 12,1 милијарда денари….