Сѐ уште е мала искористеноста на европските фондови

151
Фирмите се обесхрабруваат од обемните и долготрајни процедури Фото: Игор Бансколиев

Неопходно е македонските компании да се охрабрат и да влезат во процес на аплицирање, пред сѐ затоа што тоа значи нивна подготовка за искористување многу поголеми фондови, кои ќе бидат достапни со почнување на самите преговори, но и по влезот во ЕУ кога на располагање ќе ги имаме кохезивните и структурните фондови

Домашните фирми не треба да се обесхрабруваат од обемните и долготрајни процедури, да аплицираат за поддршката од ЕУ и да стекнат повеќе искуство во овој домен зашто допрва, по почетокот на преговорите и особено по влезот во Унијата, ќе имаат на располагање многу поголем број фондови и средства, апелира Стопанската комора на Македонија по процената дека се искористени само околу 20 отсто од расположивите средства.
– Европските фондови во разни облици се средства што треба да придонесат пред сѐ за поддршка на целите што ги има поставено Европската Унија во насока на реализација на приоритетите за развој – велат од комората.
Оттаму додаваат дека нашата држава во континуитет има пристап до одредени европски фондови.

– Од 2007 година на располагање се претпристапните фондови, кои имаа цел да ги подготват државата, институциите но и граѓанското општество за достигнување на нивото на развој приближно еднакво со земјите-членки на Европската Унија. За приватниот сектор и за градење на конкурентноста на компаниите што за нас како комора е од исклучително значење, во рамките на ИПА-фондовите не се определени значителни средства, освен Програмата за рурален развој позната како ИПАРД-програма, која нуди директна финансиска поддршка за компаниите од областа на земјоделството, прехранбената индустрија, развој на руралниот туризам и развој на економијата во руралните области – истакна Јадранка Аризанковска, виша советничка при СКМ.

Таа додава дека искористеноста на овие фондови е сѐ уште многу мала, околу 20 отсто, пред сѐ поради огромната документација и сложеноста на апликативниот процес.

– Но и покрај тоа, неопходно е компаниите да се охрабрат и да влезат во процес на аплицирање пред сѐ затоа што тоа значи нивна подготовка за искористување на многу поголеми фондови, кои ќе бидат достапни со почнување на самите преговори, но и по влезот во Европската Унија кога на располагање ќе ги имаме кохезивните и структурните фондови – појаснува Аризанковска.

Од комората истакнуваат дека од програмата „Хоризонт 20 – 20“ за седум години Македонија повлекла само 7,3 милиони евра.

– За инструментот за мали и за средни претпријатија од оваа програма аплицирале неколку компании, но сѐ уште ниту една не успеала да добие пари. И реализацијата на ИПАРД не е завидна, иако бележи зголемување. Од 2007 до 2014 година била 17 отсто за ИПАРД 1, а за ИПАРД 2, од 2014 до 2020 досега е 22 отсто. Големите административни процедури и долгиот период на одобрување се причините за ниската искористеност на европските средства. Но, овие услови се исти и важат за сите земји од ЕУ. Домашните фирми тоа мора да го прифатат, да изградат капацитети, да стекнат знаење и навики и што почесто да аплицираат со проекти, самостојно или како партнери – истакна Аризанковска.

Таа напомена дека е неопходно во проектите со кои ќе се аплицира, да бидат застапени еколошката и иновативната компонента.

– Програмата „Хоризонт 20 – 20“ за истражување и иновации што во периодот 2014 – 2020 година беше проектирана на 80 милијарди евра за сите европски земји, по 2021 година ќе биде реименувана во „Хоризонт Европа“ и ќе има буџет од 100 милијарди евра. За приватниот сектор кофинансирањето од европските фондови е 50 – 70 отсто, а за институциите и до 100 отсто – појаснува Аризанковска.

Како дел од оваа програма е и Инструментот за мали и средни компании, кој е наменет исклучиво за приватниот сектор и каде што не е потребно партнерство, туку компаниите можат сами да аплицираат за средства од оваа програма. Овој инструмент од страна на македонските компании не е воопшто искористен, иако имаше обиди на неколку македонски компании да поднесат апликации. Клучен приоритет во овој инструмент за МСП е воведување иновации и иновативни решенија и производи во самите компании.