Сугарески: Потребно е инвестирање во сообраќајното транспортно инженерство

983

Зголемено искористување на современите информациско комуникациски технологии што се употребуваат во транспортот, најави денеска министерот за транспорт и врски Горан Сугарески на втората Меѓународна Конференција на тема „Транспортот во денешното општество“ што се одржа на Техничкиот факултет во Битола.

Според Сугарески, за да нема техничко и технолошко заостанување зад развиените држави потребно е инвестирање во сообраќајното транспортно инженерство.

– Новата технологија што за првпат се употребува во Контролниот центар во Неготино од каде што се врши мониторинг на сообраќајот на новата автопатна делница Демир Капија-Смоквица, новиот електронски систем за наплата на патарините, како и новиот проект на Министерството за транспорт и врски за изработка на интелигентен транспортен систем на Коридорот 10, значително ќе ги подобрат перформансите во безбедноста, заштитата на животната средина и искористување на инфраструктурата – рече Сугарески.

Пред академскиот и стручен аудиториум, министерот Сугарески потсети дека Министерството за транспорт и врски изработи Националната транспортна стратегија за период 2018-2030 година.

– Главните цели на стратегијате се да се осигура економската одржливост во развојот, управувањето и одржувањето на транспортните системи, да се подобри безбедноста во сообраќајот, да се развие мулитмодалниот транспорт, да се подобри одржливоста на животната средина и изградба на инфраструктура по европски стандарди како дел од единствениот транспортен систем во регионот и пошироко. Предлог стратегијата е веќе објавена на веб страната на Министерството за транспорт и врски и во текот на следниот месец очекуваме препораки и коментари од целокупната стручна јавност во државата – посочи Сугарески.