Сугарески: Градежните активности ќе дадат резултати во следниот квартал

138

Градежните работи и други капитални проекти на патната мрежа ќе придонесат за раст на градежништвото во втората половина на оваа година со што позитивно ќе влијаат врз растот на Бруто домашниот производ, рече министерот за транспорт и врски Горан Сугарески по увидот на градежните работи на државниот пат Гостивар-Кичево.

Сугарески смета дека резултатите од активностите во сферата на градежништвото ќе бидат видливи во третиот и четвртиот квартал.

– Во втората половина од 2018 година ќе имаме силен раст во градежништвото и тоа позитивно ќе влијае врз бруто домашниот производ. Ова го тврдам со сигурност, бидејќи од март годинава отпочна силна градежна офанзива на целата територија на државата. Се градат патишта, пруги и други капитални проекти. Резултатите ќе бидат видливи во следниот квартал, кога и очекувам зголемени бројки кои ќе покажат и сериозен раст на градежништвоото – подвлече Сугарески.

Како потврда, Сугарески ги напомена градежните активности на повеќе патишта меѓу кои реконструкцијата и рехабилитацијата на патот Гостивар-Кичево до селото Колари, за што се инвестирани 6,2 милиони евра.

Поголемиот дел од планираните активности на овој патен правец со должина од 28,3 километри се завршени.

– Патниот правец Гостивар-Колари е од огромна важност за жителите во западна Македонија, бидејќи е единствена патна врска што ги поврзува сите населени места од Охрид, Струга, Дебар, Кичево, Гостивар и Тетово. Патот беше во многу лоша состојба и затоа беше потребна негова реконструкција. Очекувам годинава да отпочне и реконструкцијата на патот од Колари до Кичево за што се предвидени 1,4 милиони евра. Нашата цел изградба на функционална патна мрежа на Коридор 8 која ќе овозможи брз и безбеден превоз на стоки и патници – нагласи директорот на Јаввното претпријатие за државни патишта Зоран Китанов.