Сугарески во работна посета на Општина Кичево

292
Фото: Зоран Антоски

Во работна посета на Општина Кичево денеска беше министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, кој при денешниот престој во Кичево оствари средба со градоначалникот Фатмир Дехари, каде се запозна со проектите и плановите кои треба да ги реализира Општина Кичево во претстојниот период.

-Денес сум во работна посета на Општина Кичево, каде остварив средба со градоначалникот Фатмир Дехари. На средбата разговаравме за капиталните проекти што ги реализираме во овој регион како и за локалните проекти што ги реализира општината. Градоначалникот Дехари ме запозна со инфраструктурните проекти што моментално се реализираат, сè со цел да се подобрат условите за живот во сите населени места. Наш приоритет како Влада е во соработка со локалните самоуправи да го подигнеме квалитетот на живот на сите граѓани и да создадеме услови за економски развој на општините-рече министерот Сугарески и се наврати на тековните активности кои се вршат на автопатот Кичево-Охрид, како и патната делница Кичево-Гостивар.

Фото: Зоран Антоски

Министерот Сугарески при посетата истакна дека, ќе обезбедат нови 50 милиони евра преку ЕИБ за подобрување на водоводните и канализациски мрежи во општините. Исто така преку Светска банка ќе се обезбедат 70 милиони евра за изградба и реконструкција на локални патишта во општините.

-Сакам да потенцирам дека конечно ја одглавивме изградбата на автопатот Кичево-Охрид. Изгласан е и третиот анекс на договор за дополнителни 190 милиони евра, заради наследените проблеми од претходната власт. Исто така сакам да ве информирам дека во тек е и проектирање на нов автопат од Кичево за Гостивар, кој ќе се работи во три фази, а во тек е проектирање на првата фаза од Кичево до Букојчани. Ова се многу важни проекти за овој регион за сите граѓани и за економски развој на општините-додаде Сугарески.

Градоначалникот Дехари беше задоволен што за прв пат во овие речиси 6 години, откако е прв човек на општината, го посетил еден министер од македонскиот блок и ги истакна активностите кои општината ги чини на инфраструктурен план.

-Денес имавме прилика со министерот Сугарески да разговараме за нашите проекти кои се заеднички проекти на државата и општината. Бидејќи го имаме проект буџетот за наредната година, го информирав министерот за нашите приоритети кои доаѓаат од страна на граѓаните. Останува ние како општина да работиме во наредните години на изработка на проекти, да аплицираме и што поквалитетно да ги изведеме овие проекти-посочи градоначалникот Фатмир Дехари.

Зоран Антоски