Сугарески: Автопатот Скопје-Блаце може да се изгради и во покус рок од предвиденото

64

Даден е рок од три години за изградба на автопатот Скопје-Блаце, но тоа не значи дека тој ќе се гради до 2023 година, изјави денеска министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.

– Нашата цел е тој да биде изграден побрзо – 2021 година или евентуално почетокот на 2022 година, рече Сугарески, одговарајќи на новинарско прашање по прес-конференцијата во Владата.

Посочи дека до крајот на овој или почетокот на следниот месец ќе биде распишан тендер за првите 1,9 километри и оти е потребно препроектирање на останатиот дел во должина од 10,5 километри бидејќи според проектот изработен во 2002 година трасата влегува во зоната Визбегово и новоформираните гробишта. За оваа фаза е предвидено да се објави тендер следната година.

Изградбата на автопатот Скопје – Блаце беше најавена во петокот од страна на вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Зоран Китанов. Автопатот ќе биде во должина од 12,5 километри, а инвестициската вредност се проценува на околу 110 милиони евра. Се очекува дека со изградбата на овој автопатот, патувањето од Скопје до Приштина ќе се скрати од два часа на 45 минути.