Субвенции за фирми што обезбедуваат економски раст

156
Фото: Дарко Андоновски

Денес во светот не постои држава што не субвенционира одредени компании, кои се значајни за нејзината економија, без разлика дали станува збор за отворање нови компании или за одржување на конкурентноста на постојните компании, тврдат експертите

Неможноста за стабилизирање и одржување на фирмите што се отвораат и влегуваат на пазарот се најчесто од економска природа – погрешни бизнис-планови и модели, неодржливи на нестабилни услови во пазарот, клиентелистички причини од типот на поврзување со политика, кои при сето тоа стануваат неконкурентни. Според некои економски експерти, не би требало да се започне бизнис заснован на мерки на држава, бидејќи ако така се започнува нов бизнис и функционира додека добива државни субвенции, тогаш тоа е сигнал за донесувачите на политиките за погрешни мерки, а тие треба да бидат дадени за бизнис-планови и модели што обезбедуваат одржливост.

Според претседателот на Организација на работодавци на Македонија, Ангел Димитров, субвенционирањето одредени компании за да почнат бизнис не е знак за лоша економија, велејќи дека денес во светот не постои држава што не субвенционира одредени компании, кои се значајни за нејзината економија, без разлика дали станува збор за отворање нови компании или за одржување на конкурентноста на постојните компании.

– Иако понекогаш даночните обврзници реагираат на ваквото трошење на „народните“ пари, сепак дури и во најлибералните економии, кога пазарот е нарушен и кога може да дојде до поголеми проблеми во економијата, државите применуваат разни мерки на државна интервенција и субвенции – истакнува Димитров.

Тој додава дека е нормално некои од овие компании да не ја издржат конкуренцијата на пазарот и по завршувањето на периодот на субвенционирањето да се затвораат.
– Колкав ќе биде процентот на оние компании што ќе пропаднат најмногу зависи од критериумите и од процената на бизнис-плановите од страна на институциите, кои одлучуваат за субвенционирањето. Ако процените се реални и стручни, тогаш не треба да се плашиме од примената на овој вид субвенции – вели Димитров.

Тој смета дека субвенционирањето на постојните компании, кои веќе се етаблирани на пазарот и кои во поголемиот дел од инвестицијата ја обезбедуваат сами, е посигурно и со помал ризик, но тоа не значи дека не треба да се субвенционираат и новоосновани компании и компании што имаат одредени иновативни проекти, но кај нив оцената мора да биде многу посериозна затоа што ризикот од неуспех е многу поголем.

– Планот за економски пораст на Владата на РМ, највисок процент на поддршка даде на овој тип проекти – истражувачки и развојни проекти и субвенционирањето се движи до 70 отсто од вкупниот буџет на проектот. За разлика од нив, кај другите мерки поддршката се движи од 10 до 30 отсто од инвестицијата. Целта беше да се поттикнат иновативните проекти, кои ќе влијаат на промена на структурата на нашето стопанство каде што доминираат дејности со ниска додадена вредност. За жал, во јавноста најмногу тензии се дигнаа токму за овој вид проекти затоа што оцената за успех или за неуспех на оваа бизнис-идеја требаше да се оценува само врз база на проектната документација. Друго е кога компанијата работи и може да се предвидат критериуми, кои се лесно мерливи и за кои постојат реални податоци. Затоа кај оцената на овој вид проекти мора да се биде крајно внимателен за да не се добие слика во јавноста дека тие се добиваат по некакви врски или политичка припадност – нагласува Димитров.

Абдулменаф Беџети, универзитетскиот професор, вели дека државните грантови за започнување бизнис, колку и да се против пазарната економија, сепак смета дека се потребни и дури можат да бидат продуктивни, доколку истите тие се наменуваат за реални и одржливи бизнис-проекти.

– Дури и само малку од тие фирми и проекти да опстануваат би се оправдала инвестицијата. Прашањето е до нашиот институционален капацитет за оцена и евалуација на проекти и фирми, кои би добиле такви грантови. Субјективизмот, непотизмот, конфликтот на интереси па и корупцијата при оцена и евалуација на проектите, кои добиваат вакви грантови, ја доведуваат во прашање оправданоста на овие субвенции – објаснува Беџети.

Во вакви опишани околности, тој вели дека би требало да се најде механизам за отстранување на сите овие горенаведени негативни појави за да се дојде до објективна оцена за заслужните идеи.

– Таквите механизми не се готови решенија, туку истите тие треба да се дизајнираат, имајќи ги предвид нашиот пазар и нашата бизнис-култура. Можеби треба тие фондови да се менаџираат преку приватна иницијатива (агенција), која би се надоместила исклучиво на постигнатите резултати, преку СЛА (Сервис левел агримент) би се менаџирале на годишна основа и на однапред дефиниран систем за мерење на перформансите – истакна Беџети.

Фото: Дарко Андоновски