Цената на електричната енергија на универзалниот снабдувач „ЕВН хоме“ се зголемува за 7,42 отсто, по одлуката на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ). Од идниот месец еден киловат енергија, наместо 5,54 денари, ќе чини 5,9 денари за висока тарифа, а 2,78 денари за ниска тарифа се зголемуваат на 2,9 денари.

Претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, посочи дека по направените анализи утврдиле отстапки во потрошувачката на енергија поради намалување на економската активност на индустриските капацитети, што предизвикало и намалување на приходите на енергетските компании.

– Со оглед дека пазарот на електрична енергија на големо е целосно либерализиран, „ЕВН хоме“ ја обезбедува електричната енергија за потребите на малите потрошувачи и домаќинствата преку јавен повик. И оваа година најголемиот дел од потребната енергија се обезбедува од ЕСМ, како најповолен понудувач на јавниот повик, додека мал дел во согласност со одредбите од Законот за енергетика се обезбедува од повластените производители на електрична енергија од обновливи извори на енергија.

РКЕ ја одобрува крајната цена, во која се пресметани трошоците на МЕПСО за пренос на електрична енергија, „Електродистрибуција“ за дистрибуција на електрична енергија, МЕМО за организирање и управување со пазарот на електрична енергија, како и трошокот за набавена електрична енергија. Со сите овие елементи, просечната крајна цена е коригирана за 7,42 отсто, или за досегашна сметка од 1.500 денари ќе има зголемување од околу 100 денари. Евтината тарифа им останува на располагање на граѓаните во интервалите што се и денес во сила прекуден и навечер – изјави Марко Бислимоски, претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги.