Стрес-тест за стотици илјади граѓани и компании

1523
Фото: Игор Бансколиев

Пропаѓањето на банката со себе повлекува многу нејаснотии и неизвесност за стотици илјади граѓани, кои имале сметки и депозити во банката, и за голем број фирми што работеле со банката. Првичните најави се дека обесштетување ќе добијат 136.619 граѓани, за депозитите во висона до 30.000 евра, а преостанатите ќе ја чекаат распределбата на стечајната маса. Вкупниот износ на депозитите на физичките лица што ќе бидат обесштетени изнесува околу 4,4 милијарди денари или 71,5 милион евра, заклучно со состојбата на 31 јули 2020 година. Како, пак, ќе им се надомести штетата на компаниите во моментов не е јасно. Од вчера, поради пропаѓањето на банката, и поштата остана без платен промет, поради што граѓаните не можат веќе да плаќаат сметки во пошта или да завршат други обврски

ПРОПАЃАЊЕТО НА ЕУРОСТАНДАРД БАНКА ТЕЖОК УДАР ВРЗ ЕКОНОМИЈАТА

Одлуката за затворање на Еуростандард банка АД Скопје поради несолвентност и неисполнување на законските услови за работење ја разбранува македонската јавност. Банката веќе е исклучена од платниот промет, поради што сите граѓани и фирми со сметки во банката не можат да дојдат до своите пари, ниту, пак, да ги исплаќаат земените кредити, туку тоа ќе треба да го договорат со стечајниот управител.
На удар се и оние што добиваат плата или пензија преку банката, бидејќи ако не си ги подигнале средствата, или ако со нив работеле преку платежна картичка, неискористените пари им остануваат заробени. Ова значи дека до обесштетувањето остануваат без основните средства за егзистенција.
Народната банка ги извести граѓаните да изберат друга банка преку која ќе им стигнуваат парите, а корисниците на социјална помош и пензионерите за тоа да го известат исплатувачот.
Веста за пропаѓањето на банката ја соопшти гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, која истакна дека 99,4 отсто од граѓаните што штеделе во банката или имале трансакциски сметки, целосно ќе си ги земат своите пари преку Фондот за осигурување депозити.

Иако до затворањето на весникот официјална потврда од НБ за тоа колку коминтенти, односно колку физички и правни лица биле клиенти на банката не добивме, она што засега се знае е дека во согласност со првичните процени целосно обесштетување ќе добијат 136.619 граѓани. Притоа 780 гарантирано ќе добијат 30.000 евра, а за остатокот ќе ја чекаат распределбата на стечајната маса. Вкупниот износ на депозитите на физички лица што ќе бидат обесштетени изнесува околу 4,4 милијарди денари или 71, 5 милион евра, заклучно со состојба на 31 јули 2020 година.
Во текот на вчерашниот ден се огласи и Фондот за осигурување депозити од каде што посочија дека обештетувањето ќе започне во рок од 20 дена.
– Фондот ги обештетува осигурените депозити, но не повеќе од денарска противвредност од 30 илјади евра по депозит во банка пресметани по средниот курс на Народна банка на 12 август 2020 година.

Предмет на обештетување се главнината на депозитот, договорената пресметана и пропишана камата и непристигната камата до 12 август 2020 година. Во случај кога депонентот има обврски кон банката, вкупниот износ на депозити на депонентот што се предмет на обесштетувања се намалува за износот на неговите вкупни обврски кон банката – наведуваат од ФОД.
Под вкупни депозити на еден депонент се подразбираат денарски и девизни депозити и тансакциски сметки на физички лица во банката, депозити врзани за парични картички издадени од банката, девизни приливи на физички лица и сертификати за депозити издадени од банката. Сепак, за точниот датум на почеток на исплатата, како и за банките преку кои ќе се одвива исплатата, фондот дополнително ќе ги извести сите физички лица.

За разлика од граѓаните на кои им се гарантира исплата на депозитите до 30.000 евра, за депозитите на фирмите нема гаранции. Тие исплати би требало да се чекаат од стечајната маса, односно од парите што ќе се добијат од наплата на кредити и од сѐ она што го поседува банката на денот на отворањето на стечајната постапка, како и од продажба на имотот што евентуално би го стекнала во текот на стечајната постапка. Досегашните искуствата од стечајни постапки укажуваат дека наплатата на побарувањата е многу ниска и во одредени случаи достигнува само 20-30 проценти, што значи дека голем дел од побарувањата се пропаднати, претворени во пари за фирми или компании, тоа се големи загуби, кои би донеле до нивно пропаѓање. Пропаѓањето на банката може да повлече и пропаѓање на голем број стопански субјекти и компании, кои не можат да си ги наплатат средствата и треба да чекаат стечајна постапка. По назначувањето стечаен управител, тој има должност да ја објави листата на сите доверители и да се грижи за наплата на долговите и за продажба на имотот на банката.

Според претседателката на Комисијата за материјално финансиско работење на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Димитриеска Кочоска, со пропаѓањето на Еуростандард банка непокриени се дваесетина милиони евра, а вкупната дупка што ќе треба да ја санира државата е 70 милиони евра. Таа истакна дека под директен ризик со пропаста на банката се 55 илјади граѓани, кои примаат пензии и социјална помош преку Еуростандард банка.
– Значи имаме втор октопод, втор ТАТ, а на површина излегува и втор „министер во тренерки“ како од деведесеттите години. Освен Еуростандард банка сега и Македонска пошта ќе се соочи со ликвидносни проблеми затоа што ќе немаат редовни приливи – кажа Димитриеска Кочоска и дополни дека индиректните последици се уште поголеми.


Банката се соочувала со тешкотии уште од 2013 година

Во согласност со податоците објавени во Решението за укинување на дозволата за работење на Еуростандард банка, може да се забележи дека банката се соочувала со тешкотии во работењето подолг период, поради што уште од 2013 година Народна банка започнала со засилен супервизорски режим.
– Со вклучување на неиздвоената исправка на вредноста од 546 милиони денари во пресметката на сопствените средства, а при нереализирање на предвидените докапитализации од страна на акционерите на банката, со состојбата на 30 јуни 2020 година, сопствените средства се негативи и се сведуваат на -220 милини денари, а стапката на адекватност на капиталот изнесува – 4,14 отсто, односно е пониска од една четвртина од пропишаната во членот 65 од Законот за банките, во согласност со кој банката е должна да одржува стапка на адекватноста на капиталот, која не може да биде пониска од 8 проценти. Во согласност со Законот за банките, банката е несловентна кога стапката на адекватноста на капиталот е пониска од една четвртина од пропишаната, што е услов за воведување стечајна постапка – се наведува во Решението на НБРСМ.


Банкарскиот систем е отпорен на шокови

Македонската банкарска асоцијација по објавувањето на одлуката за укинување на дозволата за работење на Еуростандард банка посочи дека ниту една друга банка не е изложена на ризик, кој може да се одрази на нарушување на нејзината стабилност и солвентност.
– Утврдените слабости во работењето на Еуростандард банка АД Скопје, за кои беше известено при соопштување на укинувањето на дозволата за нејзино работење, не ги отсликуваат карактеристиките на банкарскиот систем, кој се одликува со сигурност, стабилност и солвентност. Показателите за стабилност на системот недвосмислено укажуваат дека банкарскиот систем е во одлична кондиција, способен да одговори на потребите на населението и компаниите. Банкарскиот систем располага со високо ниво на ликвидност, при што ликвидната актива покрива близу 60 отсто од депозитите на домаќинствата.

Квалитетот на сопствените средства на банкарскиот систем е исклучително висок и доминантен дел од нив од околу 90 проценти се состојат од редовниот основен капитал, како најквалитетен слој од сопствените средства на системот. Солвентноста на системот континуирано е двојно повисока од законскиот минимум од 8 отсто, при што, според првичните расположливи податоци со состојба на 30 јуни 2020 година, стапката на адекватност на капиталот изнесува 17 проценти – објаснуваат од МБА и додаваат дека овие показатели обезбедуваат сигурност на депозитите на населението и на правните лица.