Стравот од рецесијата во Германија ја инфицира и домашната економија

117

Неколку големи капацитети во ТИРЗ, од кои дел се германски, запреа со производство па продолжија, но некои не се вратија на преткризното ниво. Оваа ситуација може да потрае и е рефлексија токму на она што го гледаме во бројките кај германската економија, посочуваат експертите

Со последниот извештај на Федералниот завод за статистика на Германија се потврдени очекувањата дека германската економија е во рецесија. Германија е една од земјите со кои Македонија остварува најголем трговска размена, поради што оправдано се зголемува стравот кај домашните бизнисмени дека состојбите во Германија можат дополнително да ги влошат состојбата во домашната економија и нашите можности за побрзо закрепнување.

Како што објави Федералниот завод, бруто-домашниот производ на Германија во првиот квартал од годината паднал за 2,2 проценти, со што земјата и официјално влезе во рецесија. Падот на германскиот БДП е последица на кризата предизвикана од пандемијата на коронавирусот, а како што беше наведено во соопштението, ова е најголем квартален пад на германската економија по светската финансиска криза од 2008 година.
– Случувањата со надворешната побарувачка имаа значајно и брзо влијание врз нашата економија, особено кога станува збор за намалување на економската активност кај главните трговски партнери како Германија. Она што сега го гледаме во бројките за германскиот БДП сметам дека е во голема мера калкулирано во нашите проекции, со оглед на тоа дека забавување се почувствува уште во март.

Забележете на пример дека неколку големи капацитети во ТИРЗ, од кои дел се германски, запреа со производство па продолжија, но некои не се вратија на преткризното ниво. Оваа ситуација може да потрае и е рефлексија токму на она што го гледаме во бројките кај германската економија. Ако состојбата потрае и се продлабочи како последица на евентуален втор бран на вирусот, секако дека падовите и во светската економија, па и кај нас може да бидат подлабоки – објаснува универзитетскиот професор Марјан Петрески.

Претставниците на Народна банка на Република Македонија, кои на почетокот на месецов ја презентираа својата проекција за падот на домашниот БДП за 3,5 проценти, како и очекувањата за заздравување на домашната економија, посочуваат дека во домашната проекција биле вклучени сите дотогаш расположливи податоци.
– Со проекциите за надворешното опкружување, базирани на релевантни екстерни извори, се предвидува дека сите земји што се наши главни трговски партнери, вклучувајќи ја и Германија, ќе забележат економска рецесија оваа година, како резултат на глобалната пандемија на новиот коронавирус.

Конкретно, проекциите за Германија упатуваат на пад на економската активност од 5 проценти во 2020 година, и силно закрепнување и раст од 4,5 отсто во 2021 година. Ваквите очекувања се веќе вградени и во проекциите за македонската економија, според кои нашиот БДП би забележал пад од 3,5 проценти оваа година и раст од 4,7 отсто наредната година – истакнуваат домашните банкари.
Од НБРСМ истакнуваат дека падот на германската економија во првиот квартал засега генерално е во линија со очекувањата вградени во основното макроекономско сценарио, но притоа додаваат дека, сепак, неизвесноста останува и дека има ризици што можат да предизвикаат дополнителен пад на економијата.

– Со оглед на високата неизвесност и изразените надолни ризици, во рамките на априлскиот циклус проекции беше подготвена и дополнителна симулација за ефектите врз домашната економска активност во случај на двојно подлабок пад на БДП на нашите клучни трговски партнери. Ваквото сценарио предвидува дека падот на нашиот БДП во 2020 година би бил подлабок за 2,3 процентни поени во однос на основната проекција – истакнуваат од Народна банка.


Се очекува драстичен пресврт во 2021 година

Минхенскиот економски истражувачки центар, Институт за економски истражувања (Ифо), пред неколку дена посочи дека германската економија ќе доживее силно закрепнување следната година, по рекордниот економски пад оваа година. Во нивната економска прогноза, истражувачите посочија дека очекуваат националната економија да се намали за 6,6 отсто во 2020 година, но истакнуваат дека неодамнешните истражувања покажува дека ситуацијата би можела да направи драстичен пресврт во 2021 година, кога Ифо предвидува дека германската економија би можела да порасне за 10,2 проценти.

Истражувањето што Ифо го спроведе меѓу девет илјади германски компании укажало дека бизнисите очекуваат економската активност да се нормализира во рок од девет месеци.
– По значителниот пад од 12,4 отсто во второто тримесечје на 2020 година, економијата треба да закрепне до средината на следната година – рече главниот економски истражувач Тимо Волмершеизер.

Според Институтот, во најдобро сценарио економијата може да закрепне за пет месеци, што би резултирало со благ економски пад од само 3,9 проценти во 2020 година. Спротивно на ова, во најлош случај, закрепнувањето би можело да трае дури 16 месеци, кога економијата би се намалила за 9,3 проценти оваа година, додека растот следната година би бил 9,5 проценти.