Стопанствениците очекуваат длабоки резови во агросекторот

77
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Нестабилно производство на пченица со принос под четири тони на хектар, лоши сорти за семе, застарена технологијата, намалување на сточниот фонд, раст на увозот на месо и на млеко… Ова се само дел од крајно неповолните оцени на Стопанската комора на Македонија, од каде што посочија дека иако досега се инвестирани речиси една милијарда евра за земјоделски субвенции, сепак, истите тие не го постигнале посакуваниот ефект. Од СКМ излегоа со свои предлози за надминување на актуелната состојба во агросекторот и посочија дека ќе бидат неопходни драстичен, длабок рез и сериозно преструктурирање во секторот.
– Редно е од традиционално да преминеме на професионално земјоделство, да се исфилтрираат вистинските од квазиземјоделците. Тоа ќе треба да го поддржи и државата. Ќе мора да се донесат сет координирани мерки за да тргнеме по вистинската патека. Распределба на субвенциите не по површина, туку по предаден килограм производ во регистрирани преработувачки капацитети, промена на сортиментот, окрупнување на земјиштето, инфраструктурно уредување и дигитализација на руралните средини, формирање кооперативи, како и поддршка на големите компании – кажа Васко Ристовски од СКМ.

Тој појасни дека од 20 милиони евра поддршка во 2006 година истата таа достигнала до речиси 200 милиони, при што низ годините биле потрошени речиси една милијарда евра за земјоделството, но резултатите се поразителни.
– Начинот на субвенционирање мора да се смени за конечно да се разграничат вистинските земјоделци, професионалците, од оние што добиваат поддршка, но не прават ништо за развој на производството. Мора еднаш да се направи пресек за некои работи, што можеби е болно, но само така за кратко време фармерите ќе се преструктуираат и ќе тргнеме во вистина насока ако сакаме да се движиме кон ЕУ. Доста беше традиционално производство, треба да се поддржат бизнис-ориентираните, професионални производители – истакна Ристовски.
Комората акцентот го става врз месната, млечната, винската и мелничко-пекарската индустрија, но смета дека не помалку битни се и преостанатите сегменти од агросекторот.
– Потребно е интервентно решавање на суштинските проблеми во млекарството и месната индустрија, мелничарството и винарството за да се зачуваат сточниот фонд, лебното жито и лозарството. Дури потоа може да се размислува за стимулативни мерки што ќе носат раст – посочи Ристовски.

Во делот на млекарството, комората предлага воспоставување рамнотежа меѓу откупната цена на млекото и неговиот квалитет, како и субвенциониран трансфер на молзна стока од мали кон поголеми фарми за да дојде до пренасочување на сите молзни крави во поголемите фарми што, пак, ќе значи поголема ефикасност и профитабилност. Освен тоа, се предлага и подобрување на квалитетот на млекото и намалување на огромните логистички и, пред сѐ, транспортни трошоци на млекарниците.
Во месната индустрија, која, како што велат, се соочува со нелојална конкуренција и недостиг од суровина за преработка, одлуката на Владата за бесцарински увоз на свинско замрзнато месо како инпут ги даде првите позитивни резултати веднаш со воведувањето. Иако реалните економски ефекти на одлуката донесена во јуни 2018 година почна во четвртиот квартал на годината, позитивните резултати, според комората, се повеќе од задоволителни. Со вакво темпо, како што истакна и Ристовски, се очекува месната индустрија повторно да стане нето-извозник и да остварува забележителен девизен прилив.

За подобрување на состојбите во винарството и зголемување на пласманот, комората сугерира ревизија на субвенционирањето на лозарството, односно воведување поинаков начин што ќе води кон подобрување на квалитетот на грозјето и на виното, окрупнување на индивидуалното производство на грозје и поттикнување на создавањето кооперативи, воведување стандарди на национално ниво за лозарство и винарство, итни измени во Законот за вино и донесување регулатива за регистрација на географски ознаки за вино според европската регулатива, како и определување стратегиски буџети за интернационална промоција на амбалажирано вино и за користење модерни техники и приспособување на производството кон пазарот и кон барањата на винарниците од страна на домашните лозари.