Стопанствениците очекуваат брзи и ефикасни решенија од Владата

84

Предвидливост на економските политики, брза и ефикасна наплата на побарувањата и во случаите кога должник е кој било сегмент на јавниот сектор, даночни измени, ревидирање на царинските стапки и други теми треба да бидат дискутирани на средбата што беше планирана за денеска меѓу претставниците на бизнис-заедницата и првиот човек на Министерството за финансии, Фатмир Бесими. Една од иницијативите на стопанствениците е и воведување даночен календар. Во него треба да се наведени сите даночни измени што ги планира Владата, при што истите тие би требало да се планираат од почетокот на годината, за најдоцна на 30 јуни во тековната година да бидат објавени.
Меѓу темите на кои би требало да се дискутира е и барањето за ревидирање на царинските стапки. Според стопанствениците, Македонија има многу поголеми царини за увоз на компоненти од тие што се применуваат за увоз од трети земји во ЕУ. Ова, велат бизнисмените, ја прави земјата неконкурентна како локација за инвестиции, а ги прави неконкурентни и македонските производи наменети за извоз. Поради ова бизнисмените предлагаат законски измени, за да се изедначат царинските стапки во Македонија со тие во Европската Унија, што може да се направи и фазно, во текот на неколку години.

Инаку, стопанствениците сметаат дека мора да има и некои даночни промени, тие предлагаат и законски да се нормира холдингот и да се уреди посебен даночен режим за неговото функционирање. Една од промените би било дивидендите што фирмата-ќерка ги исплаќа во холдинг-компанијата и обратно да бидат ослободени од оданочување.
Некои од барањата се однесуваат и на примената на електронската фактура, па се посочува дека таа е доста важна алатка.
Што се однесува до мерките директно поврзани со корона-кризата, стопанствениците сметаат дека државата треба да им ги признае расходите за тестирање на вработените за присуство на коронавирусот како расход за целите на данокот на добивка.
Во услови на намалена ликвидност во домашното стопанство, која не е проблем само сега, за време на корона-кризата, проблемот со плаќањата се смета како клучен. Бизнисмените ќе бараат да се најде механизам за брза и ефикасна наплата на побарувањата и за случаите кога должник е кој било сегмент на јавниот сектор.
Неодамна претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, посочи дека има неколку клучни прашања што се значајни за поддршка на економијата.
– Ние ја охрабруваме новата влада, која има полн политички легитимитет, да се осмели и да ги отвори сите прашања што може да значат подршка за економијата.

А тоа се попис, децентрализација, корективните институции на власта, јавноста, медиумите, невладиниот сектор и сѐ што е потребно да ги стават на располагање своите капацитети. Македонија мора по влезот во НАТО и почнувањето на преговорите со ЕУ да повлече потези што ќе ја сместат во организирани држави, па макар тие биле и од непопуларна природа.
Ние како најголема и најмногубројна бизнис-асоцијација сме свесни дека Владата ја сочинуваат кадри со социјалдемократска ориентација. Ние секогаш сме имале отворен разговор со нив и сме успевале да најдеме заеднички јазик и онаму каде што програмски сме на различна страна. Нормално е дека една социјалдемократска влада ќе им дава приоритет на прашањата на ранливите категории, на делот од населението што се бори за својата егзистенција и ние не сме против тие принципи. Напротив, ги поддржуваме затоа што квалитетна работна сила е клучниот мотор на нашето работење. Но, исто така, сите добро знаеме дека економијата ја влечат добростоечките фирми, извозно ориентирани во носечките индустриски дејности. Токму затоа ние сакаме во четвртиот пакет мерки да има поддршка за секого, водејќи сметка тој баланс да го даде најдобриот резултат – истакна Азески.