„Стоби“ со 11-годишна традиција како успешен македонски бренд го закрои лозјето за Свети Трифун

732
Фото: Игор Бансколиев

Во присуство на пријателите од бизнис-заедницата, политички претставници, дипломати како и на личности од јавниот живот, се закрои лозјето на плантажите во винарницата „Стоби“ по повод големиот празник Свети Трифун. Винарницата со здравица ја означи и својата 11-та година од постоењето, гостите уживаа во Чалгија саунд систем, солистите од Национална опера и балет, солистката Наде Талеска, како и Горан Наумовски, Лена Заткоска-Маротова, Бојан Моратов, Владимир Дојчиновски на гитара и Горан Папаз на саксофон, а за вистинско задоволување на сите сетила, пак, беа послужени сортно вино и вкусна храна.

– Овој ден за нас е посебен, на овие плантажи точно пред 11 години ја започнавме нашата винска приказна Стоби винарија. Денеска можеме да се пофалиме со пласман на домашните и светските пазари како Кина, САД, Русија и Европа. Самите награди и пофалници од еминентни вински критичари говорат за квалитетот на брендот, за кои сме на врвот заедно со нашиот тим – истакна сопственикот на винарницата „Стоби“, Минчо Јорданов.

Винарницата, исто така, развива вински туризам преку вински тури, корпоративни услуги и специјални настани што ја издвојува од винарниците од регионот.

– Нашата фамилија има визија за винаријата уште од самиот почеток се со цел денеска да се пофалиме дека годишно произведуваме 4,5 милиони литри висококвалитетно флаширано вино, од кое 70 отсто се извезува на странските пазари. Рамо до рамо сме со светските производители и тоа ни дава поттик постојано да инвестираме во иновации за производство на премиум, класик, традиционални и елитни вина за да бидеме конкуретни ширум светот – вели Ана Јорданова, креативен директор во компанијата.

Во рецензиите објавени во „Вашингтон пост“ и во винскиот магазин „Вајн адвокат“, вината на „Стоби“ добија високи препораки од еминентни светски вински критичари.

Изминататите 11 години винарницата зеде учество на сите саеми, така што освои награди и признанија на европски и светски натпревари како „Декантер“ и „Мундус вини“ во Германија и Вино Љубљана во Словенија.

Модерниот концепт на винарницата „Стоби“ долж Градско има луксузен ресторан посетуван од домашни и странски гости, каде што се одржуваат голем број на настани.