Статус квото за „Иловица – Штука“ е на штета на граѓаните

744
„Нова Македонија“ на местото на вчерашните случувања Фото: Маја Јаневска-Илиева

Јазот помеѓу локалното население се продлабочува и наместо граѓаните да ги ползуваат понудените бенефиции за локален економски развој низ високи критериуми за чување и заштита на животната и работната средина, се наметнува некаков опструктивен статус за рудникот, што е опција во која сите засегнати страни се губитници

Граѓани што треба да работат на археолошките ископувања на местото предвидено за изградба на рудникот за бакар „Иловица – Штука“ се собраа вчера во близината на локацијата, револтирани оти се спречени од друга група граѓани да дојдат на своето работно место, за да работат и да ги извршуваат своите професионални работни обврски. Другата група граѓани, пак, кои ги блокираат првите, уште од понеделникот се „утврдени“ на патот кон археолошките испитувања, организирани во протести како активисти, кои се против изградба на рудникот. Јазот помеѓу локалното население се продлабочува и наместо граѓаните да ги ползуваат понудените бенефиции за локален економски развој низ високи критериуми за чување и заштита на животната и работната средина, се наметнува некаков опструктивен статус за рудникот, што е опција во која сите засегнати страни се губитници.
Боро Зекиров, пензионер што беше меѓу групата граѓани што протестираат против археолошките ископувања, во групата што ги спречува граѓаните да дојдат до своите работни места за археолошки ископувања, и кои се против изградбата на рудникот, истакнува дека нивната цел е да се стопираат сите испитувања и да нема никакви активности на терен.

– Ние сме против копање и се залагаме за тоа Владата да донесе одлука за одземање на концесијата од „Еуромакс“. Бараме стопирање на сите активности околу рудникот. Ископувањето е финансирано од „Еуромакс“, и тоа е само почеток на отворањето на рудникот. Луѓето се плашат од отворањето на рудникот и затоа се тука на протести против археолошките испитувања. По закон мора да се направат прво археолошки истражувања, но сето тоа е под превезот на „Еуромакс“ – истакна Зекиров.
Да биде парадоксот уште поголем, од истата група, неговиот сограѓанин Митко Ѓорѓиев од Штука, посочи дека сите вработени што дошле да работат на археолошките ископувања биле облечени во опрема од „Еуромакс“, и токму тоа ги револтирало и ги натерало да излезат на протести (?!). Тие дури побарале објаснување и од директорот на Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Струмица зошто се луѓето облечени така, но не добиле соодветно објаснување.
Другата група граѓани, кои се спречени да дојдат на своите работни места, кои со години биле без работа, видно вознемирени од постапките на своите сограѓани што ги блокираат да одат на работа, изјавуваат дека не сакаат конфликти, но дека бараат само нормална егзистенција низ легална работа.

– Дојден сум да заработам за мене и за мојата фамилија, имам четиричлено семејство, и неопходни ми се пари за егзистенција. Долги години сум без работа и сега имам шанса да работам легално и прописно. Спречени сме да си ја вршиме работата, од некои сограѓани, кои, веројатно, се платеници. Ние, пред сѐ, сме работници, сакаме да заработиме чесно, да заработиме и да однесеме парче леб дома, не бараме милостини. Сега сме спречени од одредена група граѓани. Тие настапуваат од некој синдром на љубомора или од не знам кои причини се против нашата работа… Ние не се предаваме, но ќе се бориме на легален начин… сакаме да работиме и без конфликти да си заработиме… Спречени сме да дојдеме до нашето работно место – кажа Жарко Ристов, жител од селото Иловица, кое се наоѓа во непосредната близина на рудникот.
Тој додава дека се прават археолошки истражувања за кои се обезбедени сите потребни документи и затоа вели дека не му е јасно зошто ги блокираат.
Ристо Златанов од селото Штука, пак, посочи дека има многу луѓе што сакаат да работат, но не им дозволуваат, и тоа сограѓани што се вработени и што земаат плата или, пак, пензионери, кои исто така имаат сигурни примања.

– Веќе четврти ден сме блокирани, не ни дозволуваат да работиме и да заработиме. Работевме една недела, ова ни е втора недела, но нѐ блокираат неколку луѓе, од кои причини не знаеме. Ние бараме работа, а не ни дозволуваат бидејќи се плашат дека нема да остане кој да им работи ним. Зошто така? Според мене, е добро што побрзо да се отвори рудникот и да почне со работа за да се отворат работни места и да останат младите тука, да не си заминуваат од државата. Ќе се вработат многу луѓе како од овие села така и од околината пошироко и ќе има работа за сите – посочува Златанов.
Со сличен став беа сите педесетина собрани граѓани, кои имаат договори за работа на археолошките ископини и кои се револтирани бидејќи наместо да заработуваат за живот мораат да чекаат други сограѓани да се тргнат од влезот на нивното работно место.

– Не знаеме што сакаат луѓето што протестираат бидејќи имаше референдум на кој ние граѓаните си го кажавме своето мислење, односно граѓаните не беа против рудникот! Зошто сега нѐ блокираат, иако работиме само на археолошки испитувања, не разбирам?! Оваа недела воопшто не сме дошле до своите работни места од неколку луѓе, кои не се изјаснуваат што точно сакаат. Тие се пензионери, или луѓе што имаат фирми, а ние сме тука за работа дојдени, но нѐ спречуваат – кажа Стојанче Јаневски од селото Штука во општината Босилево.

Тој додаде дека доколку продолжи лошата економска состојба во земјава, и особено во нивниот регион, и понатаму ќе продолжи иселувањето и младината ќе го напушти регионот. Посочува дека со малите плати, кои ги имаат во околината, не се преживува и дека отворањето на рудникот е шанса за регионот да заживее.
Граѓаните истакнуваат дека во околината се живее од земјоделство и дека голем дел работат на нивните, но притоа нагласуваат дека последниве години не се живее од земјоделство бидејќи трошоците за производство се повисоки отколку цените по кои ги продаваат своите производи.

Вчера на протестите дојдоа и градоначалниците на општините Босилово и Ново село, кои по разговорите со двете групи остана да разговараат и да се обидат да најдат заедничко решение, кое ќе биде корисно за двете страни, и за економски развој на околината, но и за заштита на животната средина.